Старите бродови го загадуваат Охридското Езеро, ќе се тргнат ли од употреба?

Да се тргнат од употреба старите пловила чии мотори на внатрешно согорување, го загадуваат Охридско. Едно од најстарите езера во светот ќе го заштитат и зачуваат единствено пловила на соларна енергија-заговараат екологистите. Но, од охридската капетанија укажуваат дека и во светски рамки,примената на овие еколошки пловила не е масовна и оти се работи на усовршување на тие системи. Мора да постои еколошка рамнотежа, вели првиот човек на капетанијата, но охридската бела флота не го загадува езерото. Иако најстарите пловила имаат машински системи стар 18 години,не испуштаат штетни гасови.

„Никако не може да се брани фактот дека бродовите загадуваат не, бродовите секојдневно во летната сезона заштедуваат возење на најмалку 100 автомобили до Свети Наум. Инаку радикално дека ние денес или некој ќе го пресече сето ова, ќе рече од денес нема пловни објекти на течни горива, нафта или бензин и ќе има само електрични, не е возможно ни со магично стапче да го реализирате“ – вели Горан Устијаноски, Капетанија на пристаништа.

Охрид ја збогатува својата понуда и во моментов има 6 бродови,а набрзо украс на езерото ќе бидат уште два луксузни брода.Но дали гратското пристаниште изградено во 1938 година и кејот кој датира од 1928 -ма,а е доградуван во 1941 година,имаат капацититет за прием на бродови,посебно на оние поголемите и полуксузни?

„Може,со замена на местата со останатите бродови, одредени рокади,меѓутоа за постојано врзување,за зимување тоа ќе биде еден сериозен проблем.Ќе мора да се преместува  преку сидрење на бродот на отворена вода, односно во некаква заветрина и каде што ќе мора да поминува одредено време и на таков начин“ – вели Устијаноски..

„Никој ништо не превзема, не презема ни за кејот, а знаете ни бараат такси за паркирање во каналот.Сите тие пари, барем дел да се вложува за прочистување овде каде што пристануваме,да речеме ние со бротчињаата имаме само 10 метри каде што можеме да застанеме“ – вели Зоран Ангелоски, капетан на пловило.

Инаку,доброупатените кои се занимаваат со  проектирање во бродоградбата, кажуваат дека според првичните проценки,еден брод на соларна енергија за 60 патници би чинел околу 80.000 евра.Бродарите,велат ќе имаат економски интерес да ја применат соларната енергија –но проблем се парите,затоа во субвенционирање на употребата на соларни бротчиња треба да се вклучи и државата.

Росица Голабоска