Станува ли месото зачин? Најавено ново поскапување и до 30 проценти кај месните производи

Ќе можат ли граѓаните барем еднаш месечно да јадат месо? Веќе неколку кратно поскапеното месо ќе добие нова уште повисока цена.  Свинското месо кое веќе надминува 400 денари за килограм за две недели ќе се продава 20-30 проценти поскапо. Ако се знае дека јунешкото месо во моментов надминува цена од 730 денари, за 15-тина дена, би достигнало нешто ситно под 1000 денари.  Производителите условуваат – доколку владата не им ја продолжи мерката за целосно укинување на царината за увоз на свинско месо, нов ценовен шок за граѓаните ќе биде неизбежен.

  • Во спротивно на краток рок, две до три недели во зависност од тековните залихи на компаниите прво следи нов ценовен шок минимум 20 до 30% зголемување на цените на месните преработки од свинско месо пред се, второ намалување на бројот на вработените исто така за 20 до 30%  зависно од компаниите. Зголемување на долг рок ќе следи, зголемување на увозот и престанок на работа на некои од месопреработувачките капацитети, вели Гоце Трајчев, Претседател на Групација на производители на месо и преработки од месо.

Освен што месото ќе се продава дури и до 30 проценти поскапо од сега, производителите најавуваат и отпуштање и до 30 отсто од вработените. Новите цени на енергенсите и струјата, африканската чума, ковид пандемијата но и мерката со која беа замрзнати цените на месото и сувомеснатите производи не доведоа да работиме со големи загуби се правдаат  производителите.

  • На домашниот пазар влегува готов производ со 0 отсто царина, а замрзнатото свинско месо како суровина и натаму подлежи на царински давачки. Поскапувањето на суровините ќе доведе до поскапување на цената на чинење на нашите производи. Покрај тоа што домашните компании се обидуваат да бидат конкурентни на домашниот пазар, дури и по цена на намалена маржа за да се одржи цената на производите кога ќе се помине прагот на исплатливост неминовно е да се зголемуваат цените на производите, истакна Васко Ристовски од Стопанската комора.

Месото граѓаните веќе го купуваат поскапо. Според Статистика, во мај, месото се продавало поскапо за 2,5 отсто во споредба со април. Од друга страна, и цената на млекото во мај е повисока за 5,4 проценти во споредба со април.  Млекариците во земјава работат со пад на профитот од 20 до 33 отсто, а две компании работат во загуби втора година по ред. Се поизвесно е дека ќе има поскапување на млечните производи кои ќе паднат на грбот на граѓаните кои веќе пазарат за 12,1 отсто поскапо од ланскиот мај.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста