Станува ли Македонија држава на Пензионери? – Иселувањето на младите во нагорен тренд
Лошо образование, нефункционален систем, политичка нетабилност – зошто да се остане во Македонија? Младата прилепчанка, 24 годишната Анастасија Бошкоска која студира и работи во Норвешка пред неколку години си заминала од државата, разочарана зошто тука нема никакви можности за младите.
- „Најмногу заради системот, заради лошиот квалитет на образование, некои кажуваат дека е и менталитетот, но тоа е лично и субјективно, политичкатаа ситуација во Македонија која веќе со години се знае дека не е баш стабилна.“ – Вели Анастасија Бокшкоска.
Таа додава дека како помлада не сакала да си оди, но тоа подоцна се променило.
- „Јас кога бев помала, постојано кажував дека сакам да останам дома и секогаш кога ќе го кажев нештото, сите ме охрабруваа да си заминам. Многу ретко се случуваше да запознаам некој кој што ќе ми кажеше, не, остани тука, направи подобра иднина…“ – Додава Бокшкоска.
34 годишниот велешанец Георгиј Стојановски пак раскажува дека заминал за САД пред 12 години. Таму живеел неколку години, потоа се преселил во Франција. Во 2018та кратко се вратил во татковината, за во 2019та да замине во Германија каде што е сега. Вели дека бил принуден да замине затоа што не гледал просперитет, а се нашол во ситуација кога морал да му помогне на своето семејство за да преживеат.
- „Јас сум со еден родител, без татко кој го изгувив на 13 години. Откако го изгубив него, ситуацијата, животот многу ми се промени. Почнав да размислувам како многу постар човек, да се грижам за фамилијата. Гледав на секој начин ние да опстанеме. Да преживееме. Секој ден да го преживееме. Мајка ми со една плата, која што беше многу смешна. Сега е многу смешна. Тогаш беше стварно, човек да плаче. Во секоја смисла на зборот, не можеше да се преживее со 6000 денари.“ – Вели Георгиј Стојановски.
Анастасија и Георгиј се двајца млади кои заминале од татковината и не планираат да се вратат назад, зошто не гледаат услови за тоа. Во последниве години од државата се иселиле 77 илјади млади лица. Според универзитетскиот професор по социологија Златко Жоглев, ова е алармантно предупредување дека Македонија може да стане држава на пензионери.
- „Прво загуба имаме тука на материјални средсва, на човечки капитал, бидејќи во тој човечки капитал тука е вложено со децении, тоа првата работа, втората работа е демографски. Бидејќи тоа се млади луѓе кои се во фаза на репродукција или имаат деца, или се во фаза кога ќе создадат деца. Така што, тие кога ќе заминат во странство си одат сосе децата, па остануваме тука со популација која што е повозрасна“ – Појаснува Проф. Д.р Златко Жоглев.
Според професорот младите мора да видат надеж дека може поинаку, во спротивно работите нема да се променат. А за тоа да се случи, Жоглев вели дека армијата, лекарите и учители треба да бидат најплатени во државата, а корупцијата да се изедначи со велепредавство.
Никола Цветкоски