Становите во иднина ќе поскапат, за колку ќе одреди пазарот

Становите во иднина ќе поскапуваат, но цената за квадрат ќе ја одреди пазарот врз основа на квалитетот на градбата, инфраструктурата, а пред се локацијата, алармираат градежниците. Причина, велат бил континуираниот раст на трошоците во секторот за нови објекти. Ако се спореди сегашниот период во однос на лани, може да се забележи дека градежни материјали поскапеле меѓу 10% и 15%, покажува статистика.

– Недвижноста што повеќето од нас ја имаме, автоматски ни се зголемува вредноста, ако во минатото сме ја купиле за одредена вредност од 1.000 евра, а сега во моментов достигнува 1.200 евра, значи секој добива, никој не губи. Не треба да се дава акцент зошто поскапуваат станови, напротив треба да поскапуваат се со цел да се зголеми и животниот стандард и да се зголемат платите, вели претседателот на Градежната комора, Ивица Јаќимовски.

Градежниците велат дека дополнителен раст на цените ќе придонесат квалитетните градби, а не оние станови кои се продаваат со слаб квалитет.

Велат дека неопходно е побрзо носење на Законот за просторно урбанистичко планирање, што ќе помогне се надминат одредени пропусти во деталните урбанистички планови. Вели дека со нивно укинување и ставање мораториум, се оневозможени да имаат каква било градежна активност.

– При носење на ДУП-ови основно што треба да се направи е инфраструктура и решавањето каде што не е возможно да се направи надземна инфраструктура, потребно е да се направат подземни инфраструктури и тоа е решение во сите метрополи, тоа не е нешто ново. Во Скопје треба да се гради, треба плански да се гради и периферно да се развива, вели Јаќимовски.

Минатата година била една од најтешките за градежништвото, велат тие. Учеството на секторот во вкупниот БДП од 10% се сведе на одвај 0,2%. Една од причините, според нив бил мораториумот за градба во некои општини. Статистиката од последните 5 години покажува дека годишно во просек се градат по повеќе од 2.500 станови, а само лани имало 5.254 непродадени станови. Градежниците велат дека секој квалитетен стан се продава.

Сега цената за квадрат во Центар се движи од 1.150 до 1.300 евра. Во Аеродром, речиси секаде цената на квадратот е околу 1.050, 1.100 евра. Слична е цената и во Карпош. Нешто поевтино е во Ѓорче Петров, и тоа од 700 до 900 евра за квадрат. Во другите градови цената за квадрат е нешто под 600 евра, и тоа во зависност од локацијата.

Борис Грујоски