ССМ тврди дека пари за раст на минималецот нема, Бесими смирува

Предвидените пари за усогласување на платите во јавниот сектор не се доволни за пораст на минималната плата – реагираат од Сојузот на синдикати. Според пресметките на синдикатот, минималецот треба да скокне за 1.800 до 2.000 денари, односно да достигне околу 20 илјади денари. ССМ смета дека нема пари за 120 илјади луѓе да добијат зголемена минимална плата. Предложиле амандман до пратениците во Собранието кои моментално дискутираат за новиот предлог буџет, за 15% зголемување на сумата за усогласување на платите согласно инфлацијата.

„Не знаеме од кои причини , пратениците од социјалдемократската влада работат надвор од социјалдемократските вредности. Наместо да с егрижат за работниците, тие ги занемаруваат. Наместо да имаат достоинствен живот, се обидуваат да им го одземат достоинството и работниците да се запрашаат дали им е местото да живеат во Македонија или да си го бараат чарето некаде во странство“ – вели Слободан Трендафилов од ССМ.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, во интервју за Дојче Веле, пак, уверува дека пари за пораст на минималната плата ќе има.

„За да се изменаџира овој процес и за да не се влегува и во иднина со нереални и неиздржани барања, воспоставивме систем во Законот за минимална плата. Согласно системското решение минималната плата ќе се усогласува со трошоците за живот и со порастот на просечната плата, еднаш годишно. Ова е системско и праведно решение, кое е и во насока на одржување на стандардот на граѓаните“ – рече Бесими.

Засега е нејасно како владата планира да собере приходи од 4,6 милијарди евра или 15% повеќе од лани. И покрај најавите дека даночната реформа јавно ќе се објави кон крајот на ноември, тоа досега не се случи. Дебатата за државната каса е во полн ек во собранието. Бесими упорно уверува дека очекуваните фискални ефекти од даночните реформи кај ДДВ, данокот на добивка и данокот на личен доход се вкалкулирани во предлог буџетот, но нејасно е како и во кој обем ако се тврди дека консултациите се сè уште во тек. Засега се знае само дека ДДВ во сметките за струја се зголемува од 5 на 10%. Ќе се проширува даночната основа и ќе се намалат одредени даночни ослободувања. Во игра е и прогресивниот данок, одданочување на штедните влогови, плаќање придонеси за хонорарци, укинување на некои повластени стапки на ДДВ и слично.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста