ССМ со амандман од пратениците ќе бара поголеми плати од ребалансот

Сојузот на синдикатите на Македонија ќе ја стави на тест искреноста на власта која ветува дека ќе има пари за нив. Имено, ссм ќе поднесе амандман за линеарно зголемување на платите до Собрание, а во рацете на парламентарното мнозинство е одлуката дали ќе го исполнат ветувањето.

ССМ не се откажува од барањето за раст на платите од 2.806 денари. Алфа дознава дека Синдикатите сега ќе бараат поддршка директно од пратениците. Тоа значи дека ќе се бара од пратениците преку амандман да се измени ребалансот на буџетот, со кој ќе се предвидат повеќе пари за повисоки плати, а пратениците тоа ќе треба да го изгласаат.

Откако документот ќе биде поднесен до парламентот, парламентарното мнозинство ќе одлучи дали ќе го исполнат ветувањето.

  • Очекуваме поддршка од сите пратеници, а особено од партијата која не прозва да поднесеме предлог во насока на обезбедување на финансиски средства за линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари согласно зголемувањето на минималната плата објавена во Службен Весник на РСМ бр. 41 од 24 февруари 2022 година. Ако народните избраници, претставници на партиите, останат неми на легитимните барања на работниците, не преостанува ништо друго освен семасовен генерален штрајк на 22.06.2022 година, велат од ССМ.

Во меѓу време, власта уверува дека ќе се најде решение, но преку дијалог, а не преку штрајк. Вицепремиерот за економски прашања рече дека средба ќе има, и тоа во текот на оваа недела. Дијалогот, како што изјави Битиќи, продолжува и има отворени прашања за кои треба да се разговара. Со ССМ, како што кажа Битиќи отворени се повеќе прашања. Освен усогласувањето на платите и нивното барање за линеарно покачување на платите, Битиќи ја наведе и методологијата за раст на платите и законот за плати кој, како што кажа, треба еднаш за секогаш да го реши прашањето за зголемувањето, ефикасноста, ефективноста.

  • Се додека имаме отворени прашања, не би требало да повикаме на штрајк. Треба да седнеме на маса. Веќе оваа недела ќе ги повикаме, за да зборуваме за овие отворени прашања“, рече Битиќи најавувајќи дека на следната владина седница ќе бидат формирани работните групи од страна на Владата кои ќе треба да почнат да работат на одржливо решение.

За сега од Владата молк по најавата на Синдикатите со генерален штрајк на 22 јуни. Ако нема епилог, на работните места ќе штрајкуваат војската, полицијата, просветарите, лекарите, вработените во комуналните претпријатија, општините и во останати јавни институции.

Димовски уште еднаш повтори дека мора да има линеарното зголемување на платите за 2.806 денари, потпишување на општиот колективен договор, како и враќање на изгубеното право на регрес од 2023 година во износ од 30% до 100% од просечната плата во државата.

Борис Грујоски