ССМ одлучи: Нов генерален штрајк на 22 јуни доколку не се исполнат нивните барања

На 22 јуни нов генерален штрајк доколку власта остане глува на барањата на Сојузот на синдикати. Ова е одлуката која предмалку беше донесена од највисоките тела на ССМ. Оттаму велат дека се чувствуваат изиграно зашто нема ништо од веќе договореното покачување на платите.

Ако не им се исполнат барањата за повисоки плати, јавниот сектор ќе стапи на генерален штрајк на 22 јуни. Ова е одлуката на Сојузот на Синдикатите откако последната средба во Владата заврши без успех. Првиот синдикалец Дарко Димовски е разочаран и бара од Владата да ги сфатат посериозно, зашто инфлацијата веќе ја изела работничката плата.

  • Доколку ова не се случи до 21 јуни, на 22 јуни ССМ, онаму каде што е синдикално организиран, ќе ги повика сите работници како членови, но и сите останати незадоволни работници да ги прекинат нивните работни процеси на работните места и да изразат едно големо незадоволство или, како што велиме ние, да направиме еден голем генерален штрајк“, рече Димовски.

Димовски уште еднаш повтори дека мора да има линеарното зголемување на платите за 2.806 денари, потпишување на општиот колективен договор, како и враќање на изгубеното право на регрес од 2023 година во износ од 30% до 100% од просечната плата во државата.

Од Владата, како што рече претседателот на ССМ, не велат ништо по однос барањето за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, кое, како што додаде, самите го предлагаа.

  • Министерот Бесими тоа го нема предвидено во ребалансот на буџетот, а истите нè убедуваа дека тоа ќе се случи со ребалансот на Буџетот и во Законот за извршување на Буџетот бидејќи тие средства се наменски за платите на работниците“, рече Димовски.

Тој упати апел до Владата за прифаќање на нивното барање за линеарно зголемување на платите и додаде дека не се работи за голема сума на пари, а дека таа е неопходна за, како што рече, амортизирање на ценовните шокови и двоцифрената инфлација.

Ако власта и натаму нема слух, вработените во јавниот сектор ќе штрајкуваат на работните места. Тука спаѓаат војската, полицијата, просветарите, лекарите, вработените во комуналните претпријатија, општините и во останати јавни институции.

Ваквата одлука за генерален штрајк доаѓа откако Синдикатот не постигнаа договор за повисоки плати и власта буквално ја поплукала дадената рака дека ќе им биде исполнето барањето на работниците. 

Борис Грујоски