ССМ на протест пред Министерството за финансии, и тука наидоа на затворена врата

Столче и пред Финансии наменето за првиот човек на државната каса – ССМ трет ден на улица гласно ги кажува своите барања, а власта се уште глува.  Штрајкот на јавниот сектор во одредени установи кои се под локална власт почна да дава резултати, веќе се потпишуваат спогодби за линеарно покачување на платите од 2806 денари, но никаде каде  ингеренции има централната власт. Најново потпишана е спогодба во Општина Тетово за линеарно зголемување на платите, а преговори се водат и во други локални самоуправи.

-Денеска сме пред Министерството за финансии каде бараме од целото Министерство вклучително и од службите да го вметнат нашето барање за линеарно зголемување од 2806 денари за секој работник, сакаат преку амандманот поднесен од ССМ во Собранието на Македонија, сакаат преку Општиот колективен договор за јавниот сектор, бидејќи гледаме и денеска се состанува РКЕ за да ја покачи струјата од 1 јули. Затоа, ова што го зборуваме денеска навистина е неопходно, рече Дарко Димоски претседател на ССМ

Глуво на барањата на синдикатот е и владејачкото мнозинство во Парламентот. За барањата на синдикатот единствена поддршка има од опозициските партии.  На денешниот протест беа присутни и претставници на ВМРО- ДПМНЕ, Социјалистичка партија и БЕСА кои ветија поддршка за нивното барање за амандманска интервенција на матичната комисија. Ги повикаа пратениците да не гледаат политички на ситуацијата туку да размислуваат од човечки аспект. 

Ако мислат дека некој политички поентира еве тие нека го поднесат Амандманот ние ќе го гласаме. Ја користиме секоја прилика, секој работен ден да ги убедиме пратениците од мнозинството кои го создаваат во Комисијата дека треба да го поддржат овој амандман и апелирам до пратениците да уште еднаш направат елаборација на сопствениот став да го променат и на 10-иот ден од амандманската расправа да го прифатат комисискиот амандман, рече Бојан Стојаноски од ВМРО- ДПМНЕ.

Втората работа е човечката димензија затоа што во вакви кризни ситуации тие 2806 денари се драгоцена вредност за секој работник којшто е и онака до крајност финансиски изнемоштен, исцрпен и на работ на голата егзистенција, изјави Љупчо Димовски од социјалистичка партија на Македонија.

Власта од ветувања и празни муабети треба да премине во конкретна акција тоа се минимални барања. Не дека со тие 2806 денари ќе се решат проблемите на нашите семејства, но секако ќе биде по благонаклоно кон секојдневното живеење и секојдневниот стандард на нашите граѓани, рече Фадил Зендели од Движењето Беса.  

ССМ најавува дека штрајкот во јавните установи  ќе продолжи и од наредната недела,  а претседателството на синдикатот ќе продолжи со стратегијата на изразување револт на улица.  

Кристина Алексиеска

Поврзани вести