Сојузот на синдикатите на Македонија го чека првото рочиште откако поднесе тужба против Владата поради непочитување на Законот за минимална плата, кој предвидува усогласување и на сите останати примања. Синдикалците велат дека работниците се оштетени за 18.4%.

Државата останува глува на барањата на работниците за законската обврска за усогласување на платите согласно минималецот. Од Сојузот на Синдикати алармираат дека работниците се оштетени зашто Владата наместо да работи на подобар стандард, ги игнорира барањата на синдикатите. Велат дека со ваквиот игнорантски однос се крши законот за работа. Претседателот на ССМ Дарко Димовски рече дека на суд ќе ги изнесат доказите дека работниците се оштетени со тоа што не им се зголемуваат платите за 18,4%.

  • Тогаш не се спомнуваше никаква методологија за од август, откога исчезна и социјалниот дијалог и од кога нема повеќе средби, да има изговор дека треба да се направи методологија. Методологијата е јасно впишана во Законот за минимална плата и уште еднаш ќе повторам дека со порастот на минималната плата треба да се усогласат и останатте плати колку што таа пораснала. Имаме законско решение, имаме методологија, нека ја спроведат, а доколку сметаат дека таа не е применлива, ние сме отворени да разговараме за нова методологија. Досега ниту некој нè повикал за да направиме нова методологија, ниту сме консултирани доколку се прави методологија, која е фамозна за нас и за неа се зборува веќе од летото, рече претседателот на ССМ.

Секаде каде што нема зголемување на платите согласно Закон, работниците синдикално да се организираат и да си ги бараат своите права, додаваат синдикалците. Единствено решение на работникот, според Димовски, е да се освести и да си го бара тоа што му следува со закон и колективен договор.

  • Власта е нема за покачување на платите, судовите си имаат постапки, а има и недостиг од судии, така што оваа битка нема да заврши сигурно за помалку од една година. Апелирам таму каде што синдикално се организирани работниците да застанат со нас бидејќи треба да се исполни законската обврска за усогласување на сите плати, и во јавниот, и во приватниот сектор, рече Димовски.

Од Владата пак велат дека до крајот на годинава очекуваат потпишување на колективниот договор, но откако ќе седнат на иста маса со Синдикатот. Од ССМ пак рекоа дека ни некој ги повикал, ни пак одговориле на нивните барања. Што се однесува до усогласување на платите со порастот на минималната во законскиот рок од 6 месеци кој истекува, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека тоа нема да се случи – зашто ССМ излезе на штрајк.

  • Ние почнавме процес на усогласување и процес на дискутирање за новиот Општ колективен договор со Сојузот на синдикати. За жал, тој беше прекинат зашто ССМ влезе во штрајк. Деновиве ќе ги повикаме да се вратат за до крајот на годината да потпишеме Општ колективен договор затоа што веруваме во одржливо, а не во ад хок решение, изјави Битиќи.
  • Треба да седнеме со Сојузот на синдикати да зборуваме за одржливо решение и одржлив механизам, додаде Битиќи, иако до сега повик за средба нема.

Зголемувањето на платите во јавниот и приватниот сектор ќе биде согласно продуктивноста, и тоа со нов закон за плати.

Борис Грујоски

Advertisements