ССМ: Газдите и натаму си играат мајтап со работниците – најмногу прекршени работнички права за неисплатени плати и придонеси

ССМ: Газдите и натаму си играат мајтап со работниците – најмногу прекршени работнички права за неисплатени плати и придонеси

Близу 300 газди на компании само годинава се обиделе да го изиграат законот за работни односи, и да не им исплатат плати на работниците, алармраат од Државниот инспекторат за труд. Велат дека се повеќе се кршат работничките права од страна на работодавачите, иако работниците сѐ повеќе си ги знаат своите права. Според директорката на трудовата инспекција, Весна Томовска, само за последниве 6 месеци, биле извршени околу 11.000 инспекциски надзори, од кои над 1.600 се по претставки, иницијативи на работниците.

  • Врз основа на нашите аналитички обработки на податоците, што доаѓаат од терен од страна на инспекторите, врз основа на месечните, шестмесечните и годишните извештаи, најголем број на прекршувања се во делот на неисплата на плати, додатоци од плата, во изготвување на анекси кон договорите за вработување, а во последно време и раст на претставките што се однесуваат на вознемирување на работното место. Во делот на безбедноста и здравјето при работа, можам да нагласам дека инспекторите се континуирано на терен, исто така со ССМ имаме мошне добра соработка во делот на споделувањето на информации каде и каде се прекршени работничките права на градежните објекти, каде не се преземени потребните мерки за заштита при работа од страна на работодавачите и во текот на овој шестмесечен период, се изречени седум кривични пријави од страна на инспекторите, во делот на непочитување на мерките што се однесуваат за безбедни работни места, откри Томовска.

Покрај доцнењето на платите, од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека било се почесто и вознемирување на работното место, но и неисплатен „регрес за годишен одмор“, односно К-15.

Како што изјави Трендафилов, ССМ од 2021 година до денеска има обезбедено бесплатна правна помош и заштита за 23.283 работници, кои се обратиле преку апликацијата „ССМ – Мои работнички права“.

  • Или во 2021 – 5.400 работници се обратиле преку апликацијата за обезбедување на нивните работнички права, во 2022 – 12.622 работници, но во 2022 значајно беше тоа што при генералниот штрајк во јавниот сектор, голем број работници прашуваа како ќе им се зголемуваат нивните плати за 2.806 денари, каква е процедурата за приклучување на генералниот штрајк и поради тоа тогаш е бројот поголем. Додека во 2023, за само шест месеци, 5.262 работника се обратиле до ССМ, појасни Трендафилов, нагласувајќи дека работници добиваат бесплатна правна помош и покрај тоа што не се членови на синдикатите.

Синдикатот порача дека е важно веднаш да се преземат сите постапки за што е потребно работниците навремено да бидат информирани за своите права. Во случај на кршење на правата на работниците, тие можат анонимно да пријават до ССМ, по што тие ја алармираат инспекцијата, која веднаш излегува на терен, и се обидува да го реши проблемот.

Само годинава, за последниве шест месеци, до ССМ, се пожалиле 5.262 работника на кои им доцни платата, по што инспекторите им пишале седум кривични пријави на оние кои се обиделе да печалат врз грбот на работниците.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста