ССМ бара сериозност од Владата, поднесоа предлог-Закон за функционерските плати
Сојузот на синдикати поднесе предлог – закон до Собранието за намалување на функционерските плати. Бараат наместо да бидат поголеми за 78%, тие да да се премсетуваат според општиот колективен договор. Како што за Алфа велат од ССМ, нечовечки е толку да се зголемат платите, во време кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, а живеачката станува се поскапа. Велат дека функционерите не сработеле ништо, за да го заслужат ова енормно покачување.
- „Со еден систем може да се воспостави ред, но тоа е после амандманот кој веќе го поднесовме до Собранието. Предлагаме порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде на еднакви принципи без дискриминација согласно договорените принципи во Општиот колективен договор за јавен сектор и правилата за работниците да важат подеднакво за функционерите, па доколку Владата смета дека зголемување на платите од 10 проценти од септември 2023 година и утврдување на методологија за пресметка на платите по принципот просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место но започнувајќи од 1 март 2025 година за работниците, истиот принцип функционерите треба да ги применат и за себе и затоа ССМ го дава овој предлог токму во таа насока на примена на еднакви принципи за платите на сите вработени во јавен сектор и избрани и именувани функционери без оглед дали тоа е на централно или на локално ниво, вели за Алфа потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Иван Пешевски.
Синдикатот предлага порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде еднаков и без дискриминација, согласно Општиот колективен договор.
И додека синдикатите сами подговтвија предлог – закон, Владата тактизира. Премиерот пред 4 дена зборуваше едно, сега друго. Димитар Ковачевски прво рече дека работеле на нов закон со кој ќе се исправи одлуката на Уставен за зголемување на платите, а вчера пак рече дека тоа не било можно, зашто Судот повторно ќе го укинел.
- „Од Одлуката на Уставен суд, со која се зголемија платите на функционерите, поминаа четири и пол месеци и законот е во фаза на изработка. Владата пристапи кон изработка на закон за плати кој ќе треба да ја регулира највисоката плата во државата и согласно соодветни критериуми да ги регулира и другите плати. Се работи за исклучително комплексен закон за кој треба да бидат консултирани и оние кои не се дел од извршната власт“, посочи Ковачевски.
По одлуката на Уставниот суд над илјада функционери веќе шест месеци добиваат 78% повисоки плати. Дека Владата мора веднаш да изнајде неодложен механизам за враќање на Платите во првобитната состојба зашто државниот буџет не може да го издржи тоа, веќе аларамираа повеќето економски експерти и аналитичари, меѓу кои Институтот за економски анализи „Фајнанс тинк“.
Борис Грујоски