ССК: Не само субвенции, туку и кредити без камата за луѓето да можат да купат кола

Добро е да се субвенционираат граѓаните да купуваат возила со Еуро 5 и Еуро 6 еко стандард, но не на предложениот начин. Од Сојузот на стопански комори инсистираат дека старите коли мора да се уништат за да се купат понови. Сметаат дека субвенциите до 3 илјади евра, нема да имаат поголем ефект, ако банките не им овозможат на граѓаните бескаматни кредити за да го обезбедат остатокот од парите потребни за купување на возило до 12 илјади евра. Не слушнале дека во која било држава имало ваква мерка и препорачуваат детално да се разработат подзаконските акти што ја уредуваат оваа проблематика.

– Оваа мерка има два аспекта – социјален и еколошки. Веруваме дека треба да бидат запазени двата истовремено, но не ја гледаме потребата во делот за субвенционирање на половни возила. Сепак, сметаме дека треба да се задржи социјалниот аспект, но истовремено да се поткрепи со еколошкиот, односно да им се овозможи на граѓаните со субвенционирање и со обезбедување бескаматни кредити да можат да си дозволат да ги заменат старите возила со нови што нема да имаат импакт врз животната средина, рече претседателката на ССК Данела Арсовска.

Не само сопствениците на автосалони, туку и од автоплацевите побараа да се разработат условите за аплицирање, за мерката да не остане само на хартија. Тие се надеваат дека ако оваа мерка профункционира ќе почнат да увезуваат понови коли и ќе имаат поголема продажба. Половните автомобили со Еуро 5 и 6 стандард ги продаваат од 5 илјади евра, па нагоре.

За да се добие државна субвенција од 20 до 30% од вредноста на возилото што ќе се купи, старата кола ќе мора да се однесе на отпад и да се одјави во МВР.

Догодина ќе се потрошат 2,2 милиони евра, односно пари за субвенции ќе има за помалку од 1.000 возила. Тоа е премалку, ако се знае, дека до 2017-та, во земјава имало 269 илјади коли произведени пред 2002-та година.

Само годинава, за 6 месеци, биле увезени 16.205 половни, наспроти 3.091 ново возило. Лани пак, разликата била подрастична. Биле увезени над 30 илјади употребени возила, а нови само 5.878.

Тања Попова