Српскиот министер за одбрана доби забрана за влез во Косово

На српскиот министер за одбрана Александар Вулин и делегацијата за воено здравство денеска им беше забранет влез во Косово, соопшти кабинетот на министерот.

Во соопштението се наведува дека „уште еднаш се покажало дека Рамуш Харадинај лаже, а на министерот и делегацијата не им е дозволено да го посетат Клиничко-болничкиот центар во Косовска Митровица“.

Неодамна медиумите објавија дека Приштина донела одлука да им се забрани влез во Косово на сите српски официјални претставници. Меѓутоа српската премиерка Ана Брнабиќ набрзо се огласи, додавајќи оти косовскиот премиер Харадинај го демантирал таквото тврдење.

Во одговорот кој пристигнал од Приштина се наведува дека „не се во можност позитивно да одговорат на барањето“.

Во делегацијата се наоѓал министерот Вулин, началникот на Управата за воено здравство Угљеша Јовичиќ, началникот на ВМА Мирослав Вукосављевиќ и началникот на Секторот за лекување Ненад Ратковиќ.