Српската опозиција го усвои текстот на „Договорот со народот“

Претставниците на српската опозиција, одговарајќи на повикот на организаторите на протестите „1 од 5 милиони”, го усвоија текстот на „Договорот со народот“ од седум точки, како предлог на серија мерки за обезбедување на правични избори и враќање на демократските принципи и владеење на правото по „победата над режимот на Александар Вучиќ“, соопшти опозициската коалиција Сојуз за Србија (СзС).

Со овој Договор опозицијата се обврзува дека заеднички ќе се бори за слободни медиуми и фер избори, но исто така и дека доколку условите за фер изборен процес не се исполнети, нема да учествува на изборите.

Опозицијата, исто така, се обврзува дека ќе „се спротивстави на насилството“ и дека ќе ги заштити сите загрозени граѓани „кои ќе се најдат на удар на тупаницата на власта поради поинакво мислење“.

Потписниците на Договорот ја прифатија обврската „да ги објават и преиспитаат сите досегашни акти, како и оние што ќе ги донесе сегашниот недемократски режим, кој ги загрозува државните и националните интереси“, како и дека ќе ја напуштат работата на собранијата на сите ниова на власта во кои се укинати демократските принципи.

Претставниците на опозицијата, исто така, се обврзаа дека, кога ќе се воспостават услови за слободни избори, ќе работат на формирање на една заедничка листа на која покрај партиските кандидати, ќе бидат и претставници на синдикатите, професионални и граѓански здруженија, студенти, професори, академици и јавни личности.

Опозицијата најави дека по изборите ќе биде формирана „експертска Влада“, која ќе има рок од една година да воведе дефинирани системски мерки, по што ќе бидат распишани слободни избори.

„Договорот со народот“ се состои од два анекси – претходно потпишаните „Заеднички услови на опозицијата за спроведување слободни и фер избори“ и „Обврски на Владата на експертите“.

Како што се наведува, „Владата на експертите“ ќе има 12 клучни задачи – воспоставување независно судство и самостојно обвинителство, независност на Уставниот суд, воведување на специјален обвинител за корупција, организиран криминал и трговија со влијание, зајакнување на улогата на Државната ревизорска институција во контрола на трошењето на буџетските средства, утврдување на критериумите за избор на јавни службеници и заштита на независните и регулаторни тела и институции од партиското влијание.

Како задачи на експертската Влада, меѓу другите, се наведени и лустрацијата, истражување на потеклото на имотот и воспоставување на социјален дијалог.

„Договорот со народот“ потписниците ќе им го понудат на претставниците на протестот „1 од 5 милиони”, но исто така и на останатите граѓани на Србија и се подготвени се да го прифатат било кој суд на јавноста – политички и морален.

Договорено е документот да остане отворен за пристапување и на други потписници и дека ќе се продолжи со заеднички протести низ Србија до исполнување на сите барања.

Документотот го потпишаа основачите на Сојузот за Србија – Драган Ѓилас, Бошко Обрадовиќ од партијата Двери, Зоран Лутовац од Демократската партија (ДС), Небојша Зеленовиќ од Заедно за Србија (ЗЗС), Милан Стаматовиќ од Здрава Србија, Борко Стефановиќ од Левица на Србија (ЛС), Вук Јеремиќ од Народната партија (НС), Славиша Ристиќ од Народното движење на Србите од Косово и Метохија „Татковина”, Јанко Веселиновиќ од Движење за пресврт, Жељко Веселиновиќ од УСС Слога, Јован Јовановиќ од Граѓанската платформа, Зоран Живковиќ од Новата партија (НОВА), Сергеј Трифуновиќ од Движењето на слободните граѓаните (ПСГ), Борис Тадиќ од Социјалдемократската партија (СДС), Татјана Мацура од Партија за модерна Србија и од независните пратеници во српското Собрание, Ана Стевановиќ и Maринка Тепиќ.