Српската листа не доби дозвола за учество на локалните избори во северно Косово

Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово не ја завери најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ) и нејзините четворица кандидати за вонредните локални избори во северно Косово на 19 мај, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната седница на ЦИК беа присутни девет од 11 членови, за заверка на кандидатите на СЛ гласаа седум члена, а за да им се признае правото за учество на избори беа потребни осум гласа. Од гласање апстенираа двајцата членови на Комисијата од редовите на опозициското Движење Самоопределување (ВВ).

Кандидатите на двете албански партии кои ќе учествуваат на овие избори, Демократската партија на Косово (ПДК) и ВВ, беа изгласани од сите присутни членови на ЦИК.

Аднан Рустеми од ВВ побара на СЛ да ѝ се даде рок од 24 часа за да ги смени кандидатите или да се дистанцира од нивните изјави со кои ја негираат државноста на Косово, со тоа што на земјата и се обраќаат со „Косово и Метохија“.

Тој рече дека заедно со неговиот партиски колега апстенирале од гласање „не затоа што имаат нешто против Српската листа, туку затоа што треба да се почитува Уставот на Република Косово“.

Членот на ЦИК од редовите на СЛ Стеван Веселиновиќ рече дека спречувањето на неговата партија да учествува на изборите претставува политички напад, затоа што нејзините кандидати ги исполниле сите критериуми кои се предвидени со Законот за избори.

СЛ има рок од 24 часа да се жали на Изборниот панел за жалби и претставки, кој ја донесува конечната одлука за тоа дали нејзините кандидати имаат право да учествуваат на избори, или да предложи други кандидати.

Вонредни избори на 19 мај треба да се одржат во општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечане и Северна Митровица, откако во ноември градоначалниците Срби поднесоа оставки во знак на незадоволство поради тоа што Владата во Приштина воведе такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.