Среде тешка криза Македонија ќе плаќа 66 милиони евра за противвоздушна одбрана, иако закани од напад не постојат

66 милиони евра Македонија ќе плати за новиот систем за противвоздушна одбрана. 66 милиони евра пари на граѓаните ќе се одлеат во наредните четири години, а со плаќање ќе почнеме уште сега. Милионите ќе се даваат во моменти кога власта секојдневно ги повикува обичните луѓе, да штедат на секое можно поле, поради енергетската, но и економска криза. Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели ова сега било само финализирање на договорот, кој се преговарал повеќе години.

-Вкупната вредност на договорот е 66 милиони евра и исплатата негова ќе биде во текот на четири години. Станува збор веќе за завршно финализирање на договорот, кој веќе неколку години се преговара, се следи постапката на преговарање со различни производители, испитување на понудената опрема од стручен тим на армијата и она што во петокот беше презентирано пред комисијата за одбрана е практичноп финалниот документ, изјави Петровска.

Оваа набавка доаѓа во период кога и самиот премиер Димитар Ковачевски ни кажа дека не очекувала најтешката зима по втората светска војна. Помалку чудно во ваква криза милиони ќе се даваат за противвоздушна одбрана, иако министерката Славјанка Петровска и самата вели дека Македонија не се наоѓа под никаква закана за напад.

-Во однос на конкретна дали постои во овој момент закана. Не, не постои закана за напад врз нашата држава. Меѓутоа ова е нешто како што претходно напоменав е дел од стратегискиот одбранбен преглед на нашата држава и дел од сите долгорочни документи за планирање, изјави Петровска.

Петровска потенцира дека станувало збор за долгорочен план, а набавката на новиот противвоздушен систем за одбрана бил и дел од нашите обврски со членството во НАТО.

-Станува збор за одбранбено планирање кое што не е краткорочно согласно целите за одбраната на нашата држава и национална, но и како дел од колективниот систем за одбрана, имаме обврска да ја гарантираме нашата безбедност. Тоа се работни планови кои се веќе одамна изработени и тоа е согласно перформансите, капацитетите на армијата, меѓутоа и проекциите за тоа како ќе се развива армијата. Замената на противвоздушниот систем кој го имаме е една од обврските и тоа е проект кој е започнат пред неколку години, изјави Петровска.

Од Министерството за одбрана претходно информираа дека подетални информации околу типот на воената опрема и динамиката на испорака ќе имало наредниов период, кога договорот целосно ќе бил склучен.

Матеја Петровски