Среде сезона на пожари, прилепските пожарникари кубурат и со човечки и со материјално-технички ресурси

         Загрижувачки хроничниот недостиг од човечки и материјално-технички ресурси не ги одминува ниту 35-те прилепските пожарникари. Среде сезона на пожари, поголемиот дел од вкупно 13-те противпожарни возила се или неисправни или полуисправни, а и опремата и униформите со кои располагаат им се застарени или нефункционални. Недостигот пак од најмалку десетина пожарникари, периодов се надополнува со седум сезонски ангажирани лица.

  „Со добивањето на едно возило – комбе за урбана средина и една донација на противпожарно возило, ситуацијата е иста. Се трудиме да ги репарираме. Имаме 8, меѓутоа некои не се 100 % исправни. Според тој законот за пожарникарство, според бројот на жители треба да се вработат уште десетина пожарникари на договор. Бројчаноста е секогаш добредојдена поради тоа што покриваме скоро најголема површина како општина во РМ“, – вели Виктор Стојчески, командир на ТППЕ од Прилеп.

   Најстарото возило со кое располага ТППЕ е старо половина век, отприлика колку што е и просечната старост на пожарникарите. За овој проблем е свесен и градоначалникот, под чии ингеренции работи Противпожарната единица. Тој уверува дека општината веќе имала план како да го решава. 

   „Со оглед дека просечната старост на возилата е околу 20 години, ЛС изнајдува начини да се добијат уште повеќе донации, а исто така имаме изготвени проекти за набавка на нови возила, исто така и опрема, а доека во сзезоните на пожари го збогатуваме со лица кои што на договор ја исполнуваат бројноста во ТППЕ“, – рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.  

   Инаку, денеска прилепската ТППЕ од Дирекцијата за заштита и спасување доби донација на специјална опрема за потпирање и подигање при елементарни непогоди во вредност од 30.000 евра. Според пожарникарите оваа опрема ќе им биде од голема полза, но почетен проблем им е што тие не се обучени за ракување со неа.

Каролина Дурло

Поврзани вести