Среде сезона забрането капење на дел од охридското крајбрежје

Забрането капење во Охрид во ек на сезона. Бактерии, фекалии, нечистотии…ваква е сликата во дел од Охридското езеро, односно на потегот од Самоиловата тврдина до кон Партизан Младост, место каде летуваат стотина странски и домашни туристи.

Најверојатно, причина за ваквата лоша состојба со водата во езерото, е нефункционалноста на колекторот, со кој мака мачат и локалните жители кои живеат во близина на местото. Велат проблемот не е од денеска, колекторот е стар, и не е целосно во функција. Капачите пак разочарани велат дека не се задоволни што се соочуваат со ваква слика, но не се ни изненадени, оти не било прв пат водата да биде полна со фекалии.

Знакот за забрането капење според директорот на јавно здравје е поставен од санитарниот инспекторат, бидејќи според последните мерења на квалитетот на водата во езерото, водата е полна бактерии, односно спаѓа во трета класа каде треба да се изрече забрана за било какво користење на истата.

Следоното испитување на водата во Охридското езеро, ќе биде по 15ти јули. Здравствените власти велат дека освен во овој дел, водата во езерото на другите места е безбедна за капење.

Мери Ѓорѓиевска