Средба Туск-Ѓукановиќ: Проширувањето на ЕУ е приоритет

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека политиката на проширување на ЕУ е приоритет, не само кога е Црна Гора во прашање, туку за целиот регион.

Црногорскиот претседател, од своја страна, оцени дека иднината на Западен Балкан е без алтернатива, односно таа е европска и евроатлантска. Тој посочи дека Западен Балкан нема привилегија да има друг избор, имајќи го предвид историското наследство кое упатува дека меѓу европската и евроатлантската перспектива на регионот и неговата стабилност има знак на еднаквост.

„Во тој контекст, Црна Гора ја креира својата државна политика како промотор на европските и евроатлантските вредности во регионот. Балканот е оставен предолго надвор од Европа и единствен пат за регионот е интеграција. Црна Гора тоа во целост го разбира и поради тоа посветено работиме на реализација на таа стратешка цел, како и на економски раст и развој и зголемување на квалитетот на живот на нашите граѓани“, потенцира Ѓукановиќ.

Тој го поздрави договорот меѓу Скопје и Атина и го потенцираше значењето на политичката волја и на бенефитот на сите страни во процесот на решавање на толку тешки прашања, што, според него, може да биде поттик за регулирање на односите меѓу Белград и Приштина, како и за функционалноста на Босна и Херцеговина.

МИА