Средба Ковачевски-Шоле: Црната листа „покриена“ со фудбалски дрес и вешт дипломатски речник

Со фудбалскиот дрес и убавите дипломатски зборови за стратешко партнерство веројатно се крие црната листа од САД. Премиерот Ковачевски демантира дека советникот од Стејт Департментот во своето куферче му донел список со корумпирани и криминални политичари. Сепак, првиот човек на Владата реферирал пред Дерек Шоле за високите случаи на корупција во земјавa. Тема на разговор била и енергетската криза, македонските евроинтеграции, владеењето на правото.

Не разговаравме за тимот за спроведување на санкции и за тоа што имаат работено во Скопје. Разговаравме за сите конкретни чекори што ги презема Владата при што јас го информирав за сите законски решенија што се донесени или се подготвени за да се унапредат судскиот и правосудниот систем. Нашето уставно уредување предвидува дека судската власт е независна и задачите што ги има како надлежност Владата, како обезбедување соодветен буџет и унапредување на инфраструктурата , сето тоа го обезбедува – изјави Ковачевски.

За премиерот Ковачевски кој веројатно има розови очила сме постигнале зголемена ефикасност во правосудниот систем – тој се пофали дека со Шоле разговарал и за сите унапредувања во овој сектор. Сепак, останува дилемата на какви успеси мисли Ковачевски кога токму меѓународниот фактор постојано го критикува македонското правосудство.

Наспроти овие оптимистички изјави на власта, стојат критиките од САД и Европска Унија дека Македонија нема испорачано речиси никакви резултати, и покрај се што до сега вложиле. Амбасадорката на САД Анџела Агелер пред само два дена уште еднаш повтори дека борбата против корупцијата треба да биде приоритет, а истиот ден евроамбасадорот Дејвид Гир во македонското Собрание ни порача сериозно да ја сфатиме борбата против корупцијата и криминалот.

Тимот за санкции кон крајот на минатата година амбасадорката Агелер го најави, без да ги штеди македонските институции. Ова може да се заклучи по нејзината тогашна објава во која јасно стоеше: „На правосудниот сектор во Македонија му требаат повеќе истраги и обвиненија за да се покаже дека никој не е над законот“. До сега никој не откри кој ќе биде мета на тимот за санкции и ќе се најде на црниот список на Соединетите американски држави.

Адријана Алексиеска

Advertisements