Србија: Прва телевизија,О2 ТВ и сајтот Б92 продадени за 180 милиони евра

Компанијата Антена група, водечка медиумска корпорација во југоисточна Европа, во чија сопственост се Прва телевизија, О2 ТВ, Прва ТВ Црна Гора, Плеј Радио, шест кабловски канали и три портали прва.рс, о2тв.рс и б92.нет, вчера постигна договор со бизнисменот Срѓан Миловановиќ за преземање на 100 проценти од основачките права на Антена групата во Србија и Црна Гора.

Вредноста на аквизицијата изнесува 180 милиони евра, соопшти Антена група.

Постапката за издавање дозвола од страна на регулаторните тела е во тек, стои во соопштението.

Кон крајот на 2009 година Антена група ја презеде Фокс телевизија во Србија, а во септември 2010 го смени називот во Прва српска телевизија. Како што наведуваат, промената на основачките права е дел од деловната стратегија на компанијата Антена група, која понатаму ќе се фокусира на развој на основната дејност и работење.

– Групацијата со овој деловен потег оствари импресивен успех. Во времето на купувањето на Фокс телевизија во Србија 2009 година, станицата имаше само четири отсто удел во пазарот, а денес, осум години по сериозни вложувања и континуирано ширење на дејноста, медиумската куќа има дури 45 отсто удел во пазарот и е една од најздравите медиумски компании во земјата, пишува во соопштението.

Тие додаваат дека Срѓан Миловановиќ поседува богато искуство во медиумското и телекомуникациското работење, и дека аквизицијата претставува предизвик кој „позитивно ќе влијае врз целокупниот развој на медиумскиот пазар на Србија“.