Спротивно на Уставот Мета не го потпиша указот за новиот министер за внатрешни работи

Албанскиот претседател Илир Мета и официјално е соопштено дека одлучил да не го става својот потпис на указот на предлогот на премиерот Еди Рама, нов министер за внатрешни работи да биде Сандер Леши.

Теди Блуши, портпаротол на претседателот, соопшти дека „претседателот на Републиката, Илир Мета не е целосно убеден за да даде доверба на кандидатурата на Сандер Леши за министер за внатрешни работи“, при што не се наведуваат причините за тоа.

Ова е првпат претседател на државата да враќа назад предлог на име за министер,што експертите од областа на правото го сметаат за преседан.

Слична ситуација имаше и во 2017 година, кога тогашниот претседател Бујар Нишани не се согласуваше за дел од владиниот кабинет на Рама,но Уставот не му ја дава таа можност да се изјасни против предлог на премиерот за министри и тој го потпиша указот.

Во член 98  став 1 од Уставот на Република Албанија  стои дека министрите се наименуваат или разрешуваат од страна на претседателот на државата по предлог на премиерот во рок од седум дена од добивањето на барањето,но не се дава простор барањето да се отфрли.

Дел од медиумите наведуваат дека несогласувањето на Мета доаѓа по разгледувањето на документите кои ги добил од албанската тајна служба, ШИШ и тајна служба на албанската армија, за Сандер Леши.

Предлогот ќе му биде вратен на премиерот Еди Рама ,кој треба да предложи ново име.

Во ваква ситуација, според правниците, не се отфрла можноста функцијата прв полицаец да ја преземе Рама.

-Албанија не може да си дозволи луксуз да биде без министер за внатрешни работи, не само како членка на НАТО, не само во рамките на правосудните реформи што ги превзема, туку и во рамките на акциите и апсењата што ги започна против организираниот криминал, оценува Бризида Ѓиконди,албански експерт по право.

Ѓиконди додава дека во ваква ситуација постои можност функцијата министер за внатрешни работи да ја превземе премиерот Еди Рама,додека Леши да биде заменик министер.Но, посочува дека  тогаш Леши всушност ќе раководи со министерството што пак ќе доведе до политички препукувања.