Според извештај на ЕК Собранието е најслабата алка во функционирањето на државата и затоа доби најмногу забелешки

Политичка поларизација во Парламентот, злоупотреба на механизмот „европско знаменце“, кочење на важни закони, седниците за пратенички прашања се одржуваат многу ретко – Собранието доби најмногу забелешки во годишниот извештај на Европската Комисија за Македонија. Иако има подобрување, сепак Европа бара поголема реформа на правосудството и посилна борба со корупција. Овие две точки остануваат за бидат главни предизвици за Македонија, но и за другите земји од Западен Балкан. Според Европската Комисија, Парламентот треба да игра активна и позитивна улога во процесот на преговори за пристапување во ЕУ.

Работата на Собранието е нарушена со политичката поларизација, што го одложува усвојувањето на многу закони. Потребно е добро планирање и консултации за да се ограничи носењето на закони по брза постапка, а пратеничките прашања треба да бидат почести -стои во извештајот.

Извештајот го презентираше еврокомесарот Оливер Вархеји, кој забележа дека е важно Македонија да го задржи реформското темпо и за време на скринингот да го искористи својот потенцијал за забрзување на реформите.

Македонија покажа посветеност и направи стабилен напредок во имплементирање на европските реформи. Но, земјата мора да ја задржи брзината и да го искористи целиот потенцијал на скрининг процесот за забрзување на спроведувањето на европските реформи“, изјави Оливер Вархеи, еврокомесар за проширување на ЕУ – изјави Вархеји.

Европската Комисија им забележа на институциите во Македонија дека често бараат и наоѓаат решенија во последен момент, па затоа, стои во извештајот, потребен е фокус за ефективна имплементација на постојното законодавство.

Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи – стои во извештајот.

Европската Комисија предлага, на Јавното Обвинителство да му се стават на располагање дополнителни човечки и финансиски ресурси, пред се за борбата против корупцијата.

Во извештајот стои и дека се направени реформи во службите за безбедност, но останува потребата за појак парламетнарен надзор врз работата на тајните служби. Исто така, се забележува дека Македонија доцни со донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор.

Многубројните критики и предупредувања од експертите во Македонија  за големиот замав на неформалната економија, се покажаа како точни во извештајот каде се вели дека „големата сива економија го кочи бизнисот

Во однос на економските критериуми, се наведува дека земјата постигнала добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија, но државата треба подобро да управува со јавните инвестиции.

Адријана Алексиеска

Advertisements