Спасовски не открива колку дрога била запленета во минатонеделната акција

Колку дрога е запленета во минатонеделната акција на полицијата на повеќе места во скопско, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не открива, иако од тогаш минаа веќе неколку денови . Од МВР преку соопштение само информираа дека била одземена одредена количина на кокаин, не прецизирајќи за колку точно се работи.

-Значи ние дадовме соопштение во однос на целосна акција, тие што требаше да бидат приведени и уапсени, се приведени и уапсени. Истрагата продолжува понатаму на сите осомничени кои што се инволвирани во овој случај, повеќе детали не можеме да соопштиме… Сите тие детали ќе ги добиете дополнително, изјави Спасовски.

Спасовски дополнителни информации не откри ниту за нерасчистените убиства, каде осомничените се недостапни за органите.

-Значи ви кажав јас и за сите тие случаи за кои што се водат истрагите, сигурно дека кога ќе се утврдат факти и докази, ќе се објави на јавноста и на кој начин завршиле тие истраги, изјави Спасовски.

И пред два месеци Спасовски запрашан до каде се истите истраги, кажа дека тие не биле градење зграда.

-Водењето на истрагите ќе завршат во оној момент кога ќе завршат сите дејствија. И водењето на една истрага не значи градба на зграда, па да имате проектирано кога ќе ја започнете и кога ќе ја завршите, тоа не е план кој што се прави однапред и точно секој ден да ги добивате тие податоци и информации, изјави Спасовски на четврти март 2019 година.

За органите недостапни се извршители на повеќе убиства. Во бегство е убиецот на Мартин Јанушев, за полицијата недостапен е и Јетон Љужа, обвинет за убиството на младиот Никола Саздовски Саздо, а каде се, не се знае ниту извршителите на двојното убиство на Рузвелтова.

Матеја Петровски