Спасовски не е потресен за информациите за вмешаноста за високи полициски функционери и политичари во шверц на дрога

Со смеа министерот Спасовски ги коментира тврдењата на албанскиот медиум „Ора Њуз“ дека имаат аудио снимки за вмешаност на високи политичари и функционери во МВР во шверц на дрога. Пердупредувањата се сериозни, но Спасовски опуштен. Вели ако имале таков материјал нека помогнеле во истрагата..

  • „Сѐ што има треба да се објави, да се достави, да направат сѐ за да помогнат во истрагата. И воопшто не ми е гајле дали се високи или ниски функционери. Треба да одговараат ако правеле криминал“, рече Спасовски.

Дали има конкретно и истрага за наводите на албанскиот медиум, Спасовски не сподели ништо поконкретно. Министерот за внатрешни работи не гледа одговорбност кај себе и за големите количини запленета дрога од фабриките за марихуана во Македонија минатата година. Вели за надзорот таму биле надлежни Министерството за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства кои морале да ги зголемат човечките капацитети.

  • Јас би рекол да, има дел што се од фабриките, за поголемиот дел станува збор за меѓународен транспорт. Што се одвивал преку Албанија, Македонија, и другите држави Турција и.т.н. Притоа тоа воопшто не е важно, важно е тоа што вие го поставувате како прашање, тоа е суштината. Надзорот мора да се зајакне и не смее да има, ниту најмала количина која што може да биде злоупотребена токму од овие правни лица затоа сметам дека тука сите институции кои што се задолжени за надзор, МЗ, „Малмед“ и.т.н. мора да ги зголемат човечките капацитети и да тој надзор се врши континуирано“.. вели Спасовски.

Инаку, „Ора Њуз“ пред три дена објави дека медиумот поседува аудио снимки кои се доказ дека функционери од највисоките ешалони на власта како и од припадници на Министерството за внатрешни работи се вмешани во шверц со дрога и наркотоци. Разговорите се уште не се објавени, но лицето кое ги поседувало аудио-снимките, за „Ора Њуз“ истакнало дека првично го информирал лицето Трајче Заев, човек кој има исто име со братучедот на поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев. Откако тој ја слушнал снимката, наводно му одговорил со кодирана порака.

  • „Мислам дека би била многу позната книга кога би била објавена. Според мене, оваа книга треба да има што помала публика, но секако дека зависи од вас. Ајде да договориме уште една средба, следната недела“– стои во кодираната порака.

Името Трајче Заев пред нешто повеќе од една година, беше поврзано и со акцијата на американската ДЕА, кои во соработка со македонската полиција на Плетвар запленија дрога вредна 800,000 евра. Во неа беше уапсен Александар Ушилковски кој работел и како возач кај семејството Заеви.

Викторија Миткова

Advertisements