Спасовски заработи интерпелација поради несовесна, нестручна и селективна работа

Првиот човек на МВР заработи интерпелација. Како што кажа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, тие бараат смена на Оливер Спасовски поради несовесна, нестручна и селективна работа по насока на својата партија, а спротивно на Уставот и законите.

-Откако Оливер Спасовски почна да раководи со Министерството за внатрешни работи, граѓаните секојдневно се жртви на грабежи, обиди за убиства, убиства, рекетирање и насилства кои минуваат неказнет, изјави Мицевски.

Иако мина повеќе од една година од убиството на Мартин Јанушев, речиси три месеци од двојното убиство на Рузвелтова, извршителите на овие злосторства се уште се во бегство и се недостапни за органите. Во бегство е убиецот на стружанецот Дилавер Бојку, како и еден од обвинетите за убиството на младиот Никола Саздовски. Министерот пред околу 2 месеци месеци кажа дека зависно од случаите, министерството има побрзи или побавни реакции.

-Според сите процедури што се во рамките на МВР, се водат истрагите. Зависи од случаите, имаме побрза или поспора реакција. Како и да е, мора да бидеме максимално посветени на ваквите случаи, изјави Спасовски на 26 октомври оваа година.

Од опозицијата велат доказ дека МВР не си ја врши работата како што треба е истражувањето на „Евробарометар“ објавено во септември, според кое доверба во полицијата имаат само 34 проценти од граѓаните.

Матеја Петровски