Спасовски: Директорите во културата се виновни што нема плата за јули

Владата ја префрла вината врз директорите на институциите што културните работници на крајот на август се уште не примиле плата за јули. Премиерот во заминување Оливер Спасовски се правда – парите ги обезбедиле, но раководителите не си ги завршиле обврските. Тој тврди дека колективниот договор важи, но проблемот бил кај културните установи кои не се подготвиле навреме.

На работниците не им е гајле кој е крив, туку кога ќе си ги добијат платите. Од СОНК велат дека 100 од 120 директори на театри, музеи, библиотеки, културни установи не ја подготвиле систематизацијата навреме и не ја доставиле потребната документација за исплата на плата по новиот Колективен договор. Прашуваат дали се работи за бојкот на директорите или пак некој ги поттикнал намерно да не го спроведат процесот навреме. Синдикатот не се откажува од тужби.

Од друга страна, информациите од институциите се дека систематизациите биле готови уште во ноември, пред да се потпише колективниот договор, но министерството за култура барало нови. Се сомневаат дека намерно се одолговлекува процесот, бидејќи пресметките постојано им биле враќани назад, со според нив, неосновани забелешки.

Реагираше и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ инсистираат платата за јули веднаш да се исплати. Тврдат дека не се работи за проблем од технички карактер, туку Владата сакала само предизборно да ги излаже граѓаните со ветувања за повисоки плати.

4 илјади работници во културните установи немаат земено плата за јули. Тие имаат меѓу најниските плати во јавниот сектор.

Тања Попова