Со целосна реализација на планот за дисперзија би се решил само еден од многуте проблеми на зависниците

Дискриминирани, патувајќи и по неколку часа само за да ја земат неопходната метадонска терапија во центри што работат само до 14 часот, половично лекувани од медицински сестри или лекари чија специјалност не е психологија. Ова се само дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат зависниците во земјава. Центрите за лекување на зависности не се ништо повеќе од шалтери за делење на метадон.

-Главниот проблем беше огромниот број на пациенти кои се лекуваат на едно место, а при тоа се очекуваше од пациентите да патуваат и по неколку часа за да си ја земат терапијата што ја оневозможува нивната рехабилитација, ресоцијализација. Оние пациенти што добро одговаа на третманот и се вработени, имаа пречки во нормалното живеење, вели Ивица Цековски од Здружението ХОПС.

Жителите од скопската општина Кисела Вода каде што се наоѓа само еден од овие центри, преку протести, во последните месеци го актуелизираа деценискиот проблем, само со оваа локација, за кој пак, сега, здравствените власти најавуваат решение.

-Во тек се подготовки за дисперзија на дел од пациентите кои се вклучени во програмата за третман и превенција од зависности во Центарот во Кисела Вода. Вклупно 120 пациенти ќе бидат распределени согласно општината во која живеат и според локациите на кои ќе бидат пунктовите. Дисперзијата ќе следи во општинските пунктови кои се наоѓаат во поликлиниките „Јане Сандански“, во населба Ченто и Бардовци и во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Карпош, наведуваат од Министерството за здравство.

Ваквата одлука на здравствените власти, која треба да се спроведе од септември, е поздравена од здруженијата, кои апелираат, ветувањата да не останат само на хартија. Оттаму додаваат дека мора да се најде решение и за недоволниот број на медицински кадар, кој исто така е долгогодишен проблем.

-Фармаколошкиот третман, односно, супституциската терапија со метадон и со бупренорфин е само еден елемент и не може да функционира, не може да ги даде резултатите ако нема психосоцијална поддршка. Кај нас недостатокот на медицински персонал, кој е проблем, може да го доведе во ризик, спроведувањето на планот на министерството за здравтсво, вели Цековски.

Граѓаните од Кисела Вода со месеци протестираат бидејќи на секое ќоше во населбата има шприцеви и игли. Нивното барање е дислокација на центарот, кој на ова место се наоѓа повеќе од деценија, решение што тогашните власти го презентираа како привремено. Потоа, од здравство се предомислија и за најавената одлука Центарот да се премести во Гази Баба, откако жителите на оваа општина излегоа на улиците и го изразија својот револт за овој план. Па, идејата Центарот да се „смести“ во поранешната менза на фабриката „Металскиот Завод-Тито“, преку ноќ, падна во вода.

Сања Трајковска Ставров