Со УБК почна ветингот во МВР, другите сектори ќе почекаат

Се уште се чека долго најавуваниот ветинг во полицијата. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, проверката на тоа колкав бил имотот на вработените во МВР пред стапувањето на должноста и во моментов, ја најави на почетокот на октомври 2018-та година, но девет месеци подоцна се уште се чека почетокот на овој процес. Ветингот според зборовите на Спасовски засега започнал само во Управата за котрарузнавање, бидејќи треба да има трансфер во новата агенција за безбедност, а приемот на вработените ќе биде под надзор на меѓународната заедница.

-Ветинг процесот веќе е започнат во делот на Управата за контрарузнавање. Сите можни аспекти за кои што говорам јас, за кои што говорат медиумите, научната стручната јавност ќе бидат разгледани. На тој начин ќе се заврши тој процес во УБК, а ќе продолжи во целото Министерство за внатрешни работи, изјави министерот Спасовски.

Деканот на факултетот за безбедност, Никола Дујоски, порача дека полицискиот службеник мора да има интегритет, односно да биде отпорен на било какви влијание предвидени во законите. Тој изјави и дека процесот на ветинг треба да го има и во сите служби кои имаат полициски овластувања.

-Припадниците на Министерството за внатрешни работи треба да се одликуваат пред се со професионален пристап кон работата, а тоа претставува да имаме бескрајно чист процес на селекција. Полицискиот службеник мора да има интегритет, интегритетот претставува отпорност на било какви влијанија што не се предвидени во законите. Ќе биде неправедно доколку овој процес започне и заврши само на МВР, бидејќи тоа не е ниту целта, ниту пак ќе го решиме проблемот. Напротив, сите служби во државата кои што имаат полициски овластувања, ЈО и Судот треба да го препознаат овој процес како неопходен за државата, изјави Дујоски.

Како што најави Спасовски, со ветингот ќе се види дали полицајците се во исто време и службеници и бизнисмени или пак вклучени во криминални работи. Целта на ваквиот процес кој се уште не е започнат е враќање на довербата на граѓаните во полицијата.

Матеја Петровски