Со три патарини од Скопје до Штип за 30 минути, пуштен новиот автопат Миладиновци-Штип

По неколку пати одложување и без посебни свечености, денеска е пуштен во употреба новиот автопат Миладиновци – Штип, прв во источниот дел на државата. Инвестицијата на оваа делница од 47 километри, изнесува над 200 милиони евра.

Со новото решение времето за патување од Скопје до Штип се намалува за половина час. Како што изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, важно е граѓаните да возат по безбеден автопат, а не дали за неговото пуштање ќе се организира свеченост.

– Автопатот е пуштен во моментот кога се исполнети условите за безбедно одвивање на сообраќајот. Воведуваме новина и олеснување за мотоциклистите. Тие досега плаќаа патарина иста со патничките автомобили. Сега ги одвоивме и утврдивме пониска цена за нив. Оваа категорија на патарини ќе се применува со воведувањето на електронскиот систем за наплата на патарините кој треба да почне да функционира за 10 дена, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.

Како што најави директорот, за 10 дена ќе биде објавен тендер за изградба на уште две патарини колку што биле планирани да се изградат. Зависно од тоа како ќе тече тендерот, како што рече тој, ќе биде отпочната и завршена изградбата на патарините, но тие нема да бидат пуштени во употреба оваа година. Откако ќе бидат изградени, на едната ќе се наплатува 50 денари, а на другата 70.

Инаку, изградбата на автопатот ја почна претходната Влада во февруари 2014, и според проектот тој требаше да биде готов до средината на 2017.

Во меѓувреме, нови патарини ќе никнат на македонските автопати, а се корегираат и цените на веќе постоечките патарини. Владата донесе одлука да се изградат две нови патарини на автопатот Миладиновци – Штип, и уште две на автопатот Демир Капија – Смоквица. На едната ќе се наплаќа 80, а на другата 100 денари.

Оваа одлука се носи заради воведување на наплата на патарина на новите автопатни правци Демир Капија – Гевгелија, Миладиновци – Свети Николе, и Свети Николе – Штип, како и заради можноста за електронска наплата на патарината со електронски картици, и со билети за ненаплатена патарина со налог за плаќање.

Дополнително, возењето од Скопје до Гевгелија граѓаните ќе ги чини плус 100 денари или вкупно за патарини ќе треба да издвојат 280 денари, бидејќи покрај веќе постоечките се пушта во работа и онаа кај Демир Капија – Гевгелија. Одлуката треба да стапи во сила за 8 дена по објавување во Службен весник.

Борис Грујоски