Со субвенции од 50 милијарди долари САД го зајакнуваат домашното производство на чипови

Посетата на претседателот Бајден ја нагласи улогата на Аризона во големата промена на САД во производството на полупроводници, бидејќи неговата администрација се залага за зајакнување на домашното производство на чипови со над 50 милијарди долари субвенции.

Посетата на претседателот на новата фабрика за производство што ја гради тајванскиот гигант за чипови ТСМЦ дојде откако компанијата објави дека ќе изгради втора фабрика и ќе ја зголеми тројно својата инвестиција во Феникс на 40 милијарди долари. Бајден вели дека тоа е добра вест Епл кој е најголемиот клиент на фабриката.

„Ова се најнапредните полупроводнички чипови на планетата. Чиповите ќе ги напојуваат моделите на ајфон и макбук комјутерите. Епл досега ги купуваше ваквите чипови од странство. Сега, тие ќе донесат повеќе од нивниот синџир на снабдување овде дома. Тоа може да ја промени играта“, рече претседателот Бајден.

Американските технолошки фирми долго време побаруваа полупроводници од странство, особено со оваа фабрика која е најголемата леарница во светот.

Повиците за промена на тоа се зголемија кога САД се најдоа во позиција да имаат недостаток за чипови во текот на пандемијата.

Неодамнешните тензии со Кина го зголемија чувството за итност. Кина го гледа Тајван како дел од својата територија, американските политичари беа загрижени за способноста на САД да набавуваат чипови од висока класа, неопходни за компјутери, паметни телефони, автомобили, борбени авиони и центри за податоци.

Така, администрацијата на Бајден се залага за најсовремени чипови што треба да се произведуваат во САД со почеток од 2024-та година. Тие напредни чипови обезбедуваат побрза обработка и користат помалку енергија.

„Овој најсовремен производствен капацитет зад нас е сведоштво дека ТСМЦ, исто така, прави огромен чекор напред за да помогне во изградбата на жив полупроводнички екосистем во САД“, рече директорот на ТСМЦ, Марк Лиу.

Компанијата, која претходно вети дека ќе вработи 2.000 работници, сега вели дека ќе вработи 4.500.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

Advertisements