Со свечена церемонија, одбележан 7 Мај – Денот на македонската полиција

Срдечно добредојде за министерот Оливер Спасовски во Делчево. На Денот на македонската полиција во градот осамнаа повеќе транспаренти со кои јавноста испрати порака за низата скандали и афери кои го следат министерувањето на Спасовски.  

„Три дена криевте убиство на дете“,  „Украдено оружје од полициска станица среде бел ден“, беше дел од она што бројните гости на свечената церемонија го гледаа при пристигнувањето во градот домаќин на годинешната манифестација.

А таа како и секогаш беше богата со програма. Од свечено дефиле, до демонстрирање на врвните способности на припадниците на македонските полициски сили и опремата со која располагаат.

На свеченоста покрај министерот Спасовски, присуствува собранискиот скпикер Талат Џафери, владини министри, амбасадори, директори, пензионирани полицајци, семејства на загинатите припадници на МВР, пратеници.

  • Да се биде полицаец, припадник на Министерството за внатрешни работи е голема чест и огромна одговорност, но и дека доаѓаат времиња во кои просто се очекува од секој припадник на полицијата таа чест и одговорност да ја покажат и докажат повеќе од било кога. „Ние денес живееме токму во такво време, време кое што од нас бара да бидеме вистински и доследни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој наш граѓанин. Тргнувајќи од фундаменталната премиса на секое демократско општество – дека институциите постојат само и единствено во интерес на граѓаните, независно на нивните лични определби, размислувања, ставови, ние воспоставивме нови и модерни стандарди кои што целосно ќе ја реализираат клучната позиција на институцијата, а тоа е полиција – сервис на граѓаните на Македонија“, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека следејќи го доследно пулсот на времето, на регионалните и глобалните политички и безбедносни трендови, но и потребите и очекувањата на граѓаните.

Собранискиот спикер, пак, ги пофали полициските службеници, нивната професионалност, храброст, но и порача да бидат вистински сервис на граѓаните.

  • Апелирам до сите Вас, во име на нашите граѓани – бидете првата врата на која што ќе тропнат, првиот број на кој што ќе се јават секогаш кога ќе се чувствуваат беспомошни, обесправени, загрозени или пак заплашени по својот сопствен живот, животот на најмилите, по својот имот и сопственост. Да тропнат, затоа што Ви веруваат, затоа што сте дел од нив и затоа што се безбедни се додека Вие сте тука до нив. Важно е да ја стекнете и одржите високо довербата на граѓаните, важно е да бидете пример за тоа што значи професионален полициски службеник во служба на граѓаните. Длабоко сум убеден дека взаемната доверба, соработката и застанувањето секогаш на вистинската, праведната страна на законот ќе придонесе да имаме побезбедни улици, подемократски и поправедни институции кои по ништо нема да заостануваат зад високо стандардните европски и светски полициски сили. Добро е што постоите, добро е што сте чувари на мирниот сон на нашите деца, внуци и браник пред криминалот, тероризмот и секакво друго современо зло кое демне врз нашиот демократски поредок и лична и колективна безбедност, вели Џафери.

Чествувањето на 7 Мај, започна со положување на цвеќе на спомен обележјата на загинатите припадници на полицијата, додека централната манифестација за одбележување на Денот на полицијата годинава ќе се одвива на Градскиот плоштад во Делчево.

Борис Грујоски

Advertisements

Поврзани вести