Со постојана комуникација до надминување на проблемите меѓу верските заедници

Верските заедници во земјава меѓусебно се разбираат, но меѓу нив постојат и бројни проблеми. Македонија како етнички и верски хетерогено општество постојано се соочува со предизвици, а за да можат да се надминат потребна е постојана меѓусебна комуникација. Ова беше истакнато на денешната промоција на „Прирачникот за правата на верските заедници и за слободата на вероисповед во Република Македонија“ што се одржа на Правниот факултет во Скопје. Верските заедници во земјава се институционално автономни и еднакви пред законот, а нивното делување треба да биде независно од политиката и од државата, велат од универзитетската фела.

Македонија е место каде од секогаш се почитувале правата на сите религиозни заедници, смета аналитичарот Владимир Божиновски, додавајќи дека овој аспект бил занемарен во последните децении.

Прирачникот треба да придонесе за збогатување на знаењето на студентите, а ќе им помогне и на самите верски заедници. Публикацијата е поддржана од Фондацијата „Конрад Аденауер“ во рамки на нивната програма за владеење на правото во Југоисточна Европа.

Биљана Божиновска