Со издавање општински обврзници, општините ќе ги амортизираат наследените буџетски дупки и опструкциите од централната власт

Наследените длабоки буџетски дупки во општините и континуираните опструкции од страна на централната власт, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги аморизираат со издавање на општински обврзници. Целта на издавањето на овие обврзници, што треба да се случи до крајот на годинава, е да не трпи реализацијата на проектите кои градоначалниците им ги ветија на сограѓаните во своите предизборни програми. Ова ќе биде првпат во историјата на земјава да се оди на ваква варијанта и според проекциите, придобивки ќе имаат и општините, а и правните и физичките лица. Општина Прилеп треба да биде меѓу првите општини кои ќе издадат вакви обврзници.

  „Општина Прилеп за првпат ќе влезе во фаза на издавање на општинска обврзница, нешто што ќе биде новитет за да се обезбедат средства за финансирање на други проекти, како што е Кружниот тек во центарот на градот кај Тинекс, потоа влезот од кај Брод, потоа Обиколницата „Сивец“, и.т.н.“, – изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ. 

    Во актуелниве состојби, велат од ВМРО-ДПМНЕ, заради непријателскиот однос на власта, општините се принудени сами да се борат и да изнаоѓаат механизми како да дојдат до нови инвестиции и средства за граѓаните, а издавањето на обврзниците, ќе бил само еден од нив. Во купувањето на тие обврзници, ќе може да учествува секое домаќинство, правно и физичко лице, а  парите ќе се употребат за градење на капитални проекти, улици, патишта, булевари, водоводи канализации, нови градинки и училишта, па дури и економски општински зони. За разлика од сега, кога каматната стапка за депозит во банка е до 0.5 %, каматните стапки за седумгодишен период на граѓаните и компаниите кои ќе учествуваат во купувањето на овие обврзници, ќе бидат 9 до 10 пати поголема односно од 4,5 до 5 %. Така, општините ќе дојдат до свежи пари, граѓаните и компаниите кои ќе дојдат до тие средства ќе можат да очекуваат за неколику проценти повисока каматна стапка и заработувачка, а додека населението, многу нови проекти, објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

   Инаку, првата општинска обврзница, како нов инструмент за реализација на крупни проекти во општините, беше заговарана уште пред неколку години од страна на тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Но, со промената на власта во 2017-та година, оваа идеа, се’ досега остана само на хартија.

Каролина Дурло

Advertisements