Со декларации и манифести власта прави притисок врз опозицијата за уставни измени

Манифест за преговори со ЕУ, Декларација за Илинден – власта пред седницата за уставни измени се обидува да прави притисок. Но и пред избори да собере некој политички поен во име на националните интереси. Но, според упатените зачудувачки е зошто ни се потребни вакви документи кога во Македонија никој не е против европската интеграција и Илинденското востание, кое е составен дел од Уставот и законот за државни празници.

Историчарот Тодор Чепреганов вели дека Декларацијата за Илинден која ја предлага СДСМ е задоцнета реакција на власта по бугарските провокации, но притоа појаснува дека тоа е само парче хартија кое нема обврзувачка моќ.

  • „Она што го прават нашите политички субјекти, пред се оние кои што се на власт, го прават по инерција на она што го прави Бугарија. Ако Бугарија направи нешто, дури и тоа не го правиме, не одговараме веднаш, туку чекаме да помине извесно време, додека да се слушнат реакциите на определени политички коментатори, субјекти, да реагира јавноста и дури тогаш се преземаат мерки.“ – Појаснува тој.

Според Чепреганов дискутабилно е и пишувањето на вакви документи, без консултации со опозицијата. Тој смета дека тоа ќе создаде нови политички поделби во државата.

  • „Сето тоа е притисок врз опозицијата за да се прифатат уставните измени. Ова се што се прави е во таа насока. Во суштина, мене ме плаши да не дојдеме во ситуација за време на Информ бирото. Кој е за Европа, кој е против Европа. Кој е против Тито, кој е за Сталин. Мислам дека полека одиме кон тоа и ќе почнеме да се делиме по тоа. Веќе имаме, оние кои што не го поддржуваат прифаќањето на уставните измени се означени како руски ботови.“ – Вели тој.

Чепреганов посочува дека никој не е против интеграција на Македонија во Европската Унија, туку против начинот на кој што тоа се прави, со распродавање на националните интереси.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста