Сочуван само за нашата власт: Македонскиот јазик официјално стана бугарски дијалект за Бугарија

Македонскиот јазик целосно сочуван и признаен, ама после источната граница останува само дијалект на бугарскиот. Ова стои во најновата декларација на официјална Софија, околу бугарските позиции за нашиот јазик. Таму се дообјаснува дека за Бугарија тој е кодификација на бугарскиот јазик.

-Создавањето на „македонскиот јазик“ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (ре-кодификација) заснована на бугарскиот литературен јазик, дополнително „збогатен“ со локални форми, со што се симулираше „природен“ процес заснован на дијалектна форма, се вели во декларацијата.

Иако власта е со полна самопофалби дека успеале да издејствуваат од сите да биде признаен македонскиот јазик, сепак официјална Софија преку оваа декларација јасно ни порачува дека ни под разно не смееме да сметаме дека ни го признаваат јазикот.

-Секое повикување на официјалниот јазик на Република Македонија во официјални/неофицијални документи/позиции/изјави и други на ЕУ и нејзините институции, тела, канцеларии и агенции мора да се разбере строго во согласност со Уставот на оваа земја и никако не се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на „македонскиот јазик“, се вели во декларацијата.

По Бугарија еднострана декларација за македонскиот јазик објави и нашето МНР, деклрација во која се потврдува бугарската позиција, дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945-та година.

-Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија. Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на Македонскиот народ, пишува во едностраната изјава. 

Ваквите пораки од Бугарија се сосем спротивни од оние на македонските власти, дека покрај првата меѓувладина конференција успеале да го сочуваат и заштитат статусот на македонскиот јазик.

-Поради оваа координирана и посветена работа ние денеска имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се заштитени, историските прашања се надвор од истата, а ние сме веќе на чекор од одржувањето на првата меѓувладина седница, која ќе го означи почетокот на преговори на Македонија со Европската Унија, изјави Ковачевски.

И покрај ваквите пораки од Бугарија, шефот на европската дипломатија ни испраќа еден вид утешителни пораки, велејќи дека на патот кон Европската Унија немало да го загубиме својот идентитет.

Матеја Петровски