Состојбата во железницата нималку розова – најавените промени, само ветување

Небезбедни пруги, застарена опрема и недостаток на кадар. Тешката железничка несреќа во близина на Куманово при што од шините се излизгаа 11 вагони од товарен воз само ги потенцираше проблемите во желеничката инфраструктура. Бизнисот и вработените во железницата со години се жалат. Нема доволно товарни вагони, локомотиви, кадарот се иселува во странство, а пензионираните работници не ги заменуваат нови. Од 4 купени локомотиви од Кина, пристигната е само една, но ниту таа не е во функција.

Изградбата на пругата кон Бугарија конечно мрдна од мртва точка, но Владата се уште нема најдено пари за изградба на последната делница од Крива Паланка до границата. Земјава железнички не е поврзана ниту на запад. И покрај тоа што беше најавена уште пред една деценија, само во почетна фаза е планот за изградба на железницата од Кичево до Лин во Албанија. Во фаза на тестирање е и пругата Битола – Кременица која неодамна беше завршена. Од Владата тврдат дека планираат инвестиции, но поради огромните долгови на МЖ Транспорт, тие биле закочени.

Владата во новата транспортна стратегија до 2030 година го впиша и проектот, пруга од железничката станица во главниот град до скопскиот аеродром. Сепак, од изградбата засега нема ништо, проектот остана само на хартија без конкретни рокови за реализација. Бизнисот никако не може сериозно да смета на непрекинат транспорт на стоки со товарни возови. Причините се менуваат, од често расипување на возовите, кражби на делови од пругите и каменување на возовите, па се до штрајкови на грчките железници и погранични служби.

Тања Попова