Соработка со Светска банка, но и реализација на капиталните инвестиции од буџетот

Добро е да се соработува со Светска банка, но парите треба да се враќаат со камата, додека буџетските средства не се користат доволно за капитални инвестиции. Додека министерот за финансии Тевдовски на пролетните средби во Вашингтон најавува дека очекува 420 милиони евра од Светска банка за инфраструктура, аналитичарите критикуваат дека власта треба да се сконцентрира да го потроши тоа што го предвидела во државната каса. Голем дел од најавените градежни работи не биле почнати, а администрацијата имала слаб капацитет за планирање и изведба на проекти. Затоа тие се сомневаат дека Владата има капацитет да го постигне потенцијалот на македонската економија од околу 4%.

„Проблемот е во тоа што тие не се воопшто започнати, како што е патниот правец Скопје до границата со Косово. Тоа е навистина загрижувачко. Зборува за слаба организација во министерствата и агенциите кои учествуваат во реализацијата на проектите тоа не е така едноставна работа тој менаџмент сега отсуствува. Слабо планирање и буџетирање на проектите. Во универзитетскиот кампус двете згради кои се неопходни за факултетот за физичка култура и ФИНКИ кои што беа започнати од претходната власт веќе две години ништо не мрднува. Зошто не се завршат? Студентите работат со субстандардни услови“ – вели универзитетскиот професор Трајко Славески.

И даночниот советник Павле Гацов не очекува добра реализација на капиталните инвестиции. Вели дел од активностите замреле во предизборието и треба да се работи турбо во втората половина од годината за да се оствари планираното. Досега реализацијата на капиталните инвестиции изнесуваше само 3 и пол проценти во првите два месеци.

„Во контекст на предизборната кампања извесно е замирањето на некои активности. Токму тоа покажува дека во месеците од месец мај, па до октомври додека трае градежната сезона, треба на квадрат да се зголемат инвестициските активности, не само на патиштата и изведување на некои локални активности, гасификација итн., туку и да се отвори поле таму каде што беше ветувано, а не е ниту отпочнато со реализација. Видете ја програмата на Владата. Прва активност околу патиштата е патот Скопје-Блаце. Таму, претпоставувам, освен проектна активност не е удрена ниту една лопата, а искучително важно е за домашната економија да го отвориме нашиот пазар кон Косово. Ние овде имаме суфицит. Ако се квадрираат активностите, можеби ќе се достигнат проектираните бројки“ – рече Гацов.

За разлика од нив, министерот Тевдовски и гувернерката на Народната банка Ангеловска – Бежоска се оптимисти дека македонската економија има сила за економски раст од над 3% годинава.

„Во услови кога најголем број од земјите во светот ги намалуваат проекциите за растот, за Северна Македонија ја зголемија од 2, 8% на 3 проценти, се најновите проекции на ММФ. Тоа е знак дека земјата се движи во добра насока, а економијата закрепнува“, коментира Тевдовски.

Додека организацијата на работодавачи веќе предупреди дека економијата не може да расте ако индустријата стагнира и ако Владата пак ја зголеми минималната плата, а германските инвеститори веќе ја оценија работата на Владата со нула, се чини премиерот е најголем оптимист. Тој очекува 4% раст уште во првиот квартал.

Тања Попова