Соочувајќи се со вртоглав пад на рејтингот и губењето на довербата од граѓаните власта си најде виновник – медиумите
Соочувајќи се со вртоглав пад на рејтингот и губењето на довербата од граѓаните власта си најде виновник – медиумите. Ако на почетокот беа миленик, сега се непријател. Од ветувања за транспарентност, до дрски одговори. Како одминува времето, така се губи трпението кон новинарите а слободата на медиумите секојдневно е под знак прашалник.
Функционерите неретко одбираат на кое прашање ќе одговорат, ги квалификуваат новинарите и нивните прашања, се однесуваат со потсмев, и наместо конкретни одговори медиумите добиваат само декларативна транспарентност.
Дека слободата на медиумите е поткопана покажуваат последните случувања. Минатата недела министерот за економија наместо да одговори на прашање околу цената и набавката на природниот гас, констатираше дека новинарите меѓусебно се договарале за прашања, а се најде и во улога на сопственик на прес – центарот па им кажа на новинарите дека не биле таму за да коментираат, туку да прашуваат.
Не толку одамна две национални телевизии беа прогласени за непријатели на Албаницте.
Премиерот Ковачевски ја коментираше и уредувачката политика на дел од медиумите. Компанија за тргување со енергенси и сектор за комуникации на политички партии.
Новинарските здруженија остро реагираа кога на 4ти февруари владина службеничка им држеше лекции на медиумските работници кој каде да се постави и да снима во црквата Св.Спас.
Познавачите се децидни дека медиумите во ниту еден случај не смее да бидат спречени да известуваат. Доколку се работи за настан од висок безбедносен ризик, потребна е поголема координација на секторот за односи со јавност и безбедносните служби.
Факт е дека од слободата на медиумите зависи колку брзо ќе се развиеме и колкав степен на демократија ќе има во општеството. Ако некој политичар замислува војна со медиумите, тогаш тој не е достоен да ја врши неговата функција.
Недостасува систем кој што политичките партии и институциите никогаш не го иградија. Неразбирајќи дека од слободата на медиумите зависи колку брзо ќе се разцвиеме и колкав степен на демократија и задоволство кај граѓаните. Или сте во служба на јавноста, а тоа значи на медиумите, или вие не сте достојни да вршите таква функција бидејќи не ја исполнувате улогата во демократијата. Лицата за односи со јавност многу често не разбираат дека нивните главни соработници се новинарите. Мора да разбереме дека поставувањата на прашања, актуелизирањето на теми, и работата на медиумите мора да биде овозможена максимално, со максимална слобода – вели комуникологот Бојан Кордалов.
И покрај тоа што постојано новинарските здруженија, а и Европската Унија го осудува односнот кон новинарите и тоа што се загрозува слободата на говор , власта никако да ја научи лекцијата и си продолжува по свој терк. Ако не им се допаѓа прашање – нападот е најдобра одбрана.
Адријана Алексиеска