Сообраќаен хаос во Охрид – катните гаражи никако да дојдат на дневен ред

При првиот налет на гости во Охрид, сообраќајниот хаос ги блокира улиците, тротоарите, пешачките и велосипедски патеки – туристичкиот центар буквално не функционира.

– Каде да се паркираат домаќините и гостите, на чатија? Зградите зјаат празни во недостаток на паркинг простор. Ако сакаш да возиш велосипед во Охрид, купи си кола или магариња – Ова се дел од пораките на социјалните мрежи кои го отсликуваат сообраќајниот метеж во Охрид.

Изградбата на катни гаражи е проблем кој градот никако не успева да го реши. Со години се прават обиди за изготвување сообраќајно решение. Поголемиот дел од улиците, дури и главните сообраќајници кои водат кон центарот се користат и за паркирање. И туристите ценат дека на градот му требаат катни гаражи.

Од локалната самоуправа тврдат дека веќе нашле 2 соодветни локации за изградба на катни гаражи по пат на јавно приватно партнерство-постапка која ќе ја започнеле, ама по изборите. Во меѓувреме, битолчани им го скроија на охриѓани решението во однос на катните гаражи – исфрлија идеа која за Охрид звучи како научна фантастика.

Инаку уште пред 4 години тогаш актуелната локална власт се заложи за изградба на 4 катни гаражи на локации од кои две и сега се разгледуваат како можни опции: непосредно до гратското пазариште и најново, кај Билјанини извори. Предвидено беше изградбата на катните гаражи со капацитет од околу 600 паркинг места, да започне во првата половина на 2016-та година, но ништо од тоа.

Росица Голабоска