Сообраќаен колапс во Скопје – превозниците на блокади поради парите кои им ги должи ЈСП и Град Скопје

Судирот на релација – приватни превозници – Град Скопје кулминира, но дали и како ќе се реши? Скопјани ни криви ни должни едвај функционираат, и тоа поради колапсот кој се случи на блокадата на една од клучните крстосници, каде незадоволните превозници ги паркираа автобусите. Во очај, тие си ги бараат заработените пари. Најавија дека нема да се повлечат се додека не си го добијат она што им следува.

Гужва, нервозни возачи, свирежи по скопские улици. Ваква беше сликата во главниот град кој се разбуди во сообраќаен хаос, поради блокадата на приватните превозници. Тие, во знак на револт, ги паркираа автобусите пред трговскиот центар „Мавровка“ во центарот на Скопје. Приватниците јавно се извинија за сообраќајниот хаос, но велат ништо друго не им останува освен блокади со цел побрзо да си ги добијат нивните пари. Се жалат дека не кренале глава од телефон, за парите кои ги должат за гориво, за сервисирање, но и рати за регистрации.

  • Голем е долгот, од август навака, не се пуштени давачките за нафта“, вели еден од возачите кој беше присутен на протестот.
  • Да се среди работава, кога ќе има пари ќе има и работа, а без пари нема ништо“, вели друг возач на автобус.

Приватните превозници со душа ги чекаат парите од ЈСП, во висина од 1,5 милиони евра. Се жалат дека веќе три месеци се без денар во сред економска криза и се на раб да трпат и за леб.

За време на сообраќајниот хаос, граѓаните се приморани да кружат по други улици за да стасаат побрзо на работа, и се надеваат на позитивен епилог.

Инаку, останатите автобуси кои треба да поминат на улицата преку „Мавровка“ возат по други рути, а тоа создава дополнителна гужва и чекање на постојките. Ако нема решение на проблемот, приватниците најавуваат дека блокадите ќе се прошират и на другите булевари низ Скопје.

Приватните превозници во јавниот превоз учествуваат со над 200 автобуси.

Борис Грујоски

Advertisements