Сонцето од Кутлеш изгребано од шахтите – Владата ќе ги казнува општините ако не го отстранат симболот

16-кракото Сонце од Вергина го снема од шахтите на плоштадот Филип Втори. По насоките од Владата за почитување на одредбите од Прспанскиот договор, работници од утрово ги изгребаа сите обележја каде во најголем дел се наоѓаат и спомениците кои сведочат за тој историски период.

Вчера Владата донесе одлука со која им препорача на општините да ја почитуваат обврската од член 8 од Преспанскиот Договор и да пристапат кон отстранување на симболот на Сонцето на Вергина од сите јавни места и јавна употреба.

– Владата им препорача на единиците на локалната самоуправа да ја почитуваат обврската од член 8 став (3) од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и да пристапат кон отстранување на симболот на Сонцето на Вергина од сите јавни места и јавна употреба, стои во соопштението од владината прес-служба.

Општините кои во своите општински обележја го имаат Сонцето од Кутлеш ќе мора да ги сменат, а секое кршење на законот и непочитување на одредбите предвидува и санкционирање, вели министерот за локална самоуправа Горан Милевски. За него одредбите биле јасни и народот бил добро информиран што било договорено во Преспа, но тврди дека казни ќе немало за граѓаните кои во своите приватни имоти го имаат истакнато овој симбол.

– Јас лично не знам доколку сакам да го користам, кој би можел да ми забрани. Сигурно во дворовите во Грција може да се користи било што и никој не може да го забрани. Исто и тука на еден приватен имот кој сака може да си стави. Не е ова инквизиција да ги гониме луѓето, но државните институции треба да го почитуваат законот, а за непочитување на законите се разбира има санкции, рече Милевски.Се согласувам дека тие треба да ги променат симболите, а мислам дека за спомениците кои се во некои градови треба само да се обележи дека тоа е споменик од античкиот период, од еленистичкиот период. Не да се отстрануваат, туку во фуснота да се наведе од кој период е конкретниот споменик. Мислам дека тие се неколку, за Битола, Прилеп, како спомениците од Александар Македонски, Филип Втори итн, посочи Милевски.

Најмалку петнаесеттина општини – Могила, Виница, Македонска Каменица, Новаци, Илинден, кои во оригиналната форма го имаат сонцето од Кутлеш по насока од Владата ќе мора да имаат да прават измени, но дилемите остануваат и дали интервенции ќе треба да направат и оние општини чии општински обележја имаат варијации од 16-кракото Сонце.

Но не само овие општини, туку и Битола и Прилеп ќе треба да се активираат и на спомениците со Александар Македонски и Филип Втори, ќе мора да закачат ознаки дека овие споменици не се македонски, ами дел од античката хеленска историја и цивилизација.
За популарноста на овој симбол кај нас не зборуваат само институциите и спомениците на кои тој се наоѓа…Туку и бројните сувенирници, продавници каде овој симбол е неизбежен мотив и еден од најбараните за домашните, но и странските туристи.

Ивана Соколовиќ Најдова