СОНК и МОН ги приближуваат позициите, прекинува ли штрајкот за покачување на платите?!

Заврши третата рунда преговори помеѓу СОНК, министерството за образование и посредникот, кој треба да го олесни дијалогот. Првиот човек на СОНК е оптимист дека решението е блиску, но вели дека последниот збор ќе го има министерството за финасии, кое треба да најде начин за да обезбеди пари за покачување на платите на наставниците од 18%.

Преговорите напредуваат, ставовите полека се доближуваат, но се уште нема конкретен одговор дали наставниците ќе добијат 18% зголемување на платите. Ова го изјави првиот човек на СОНК Јаким Неделков, по третата рунда преговори во министерството за образование кои ставовите „ги пеглаат“ со помош на помирувач. Сериозен проблем имало во делот на градинките, вели Неделков, односно онаму каде се штрајкувало можно би било и да не се испатат плати на негувателките за време на штрајкот.

  • Заврши денешната рунда на преговори со МОН, под покровителство на помирувач. Сите прашања кои се отворени, врз основа на нашите барања беа дискутирани, анализирани, аргументирани од двете страни. Ставовите ни се доближуваат, но за сума колку, кога и од каде, ќе се знае деновиве кога ќе се чује и министерството за финансии. Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, рече Неделков.
  • Доаѓаме до некакви заеднички ставови. Сепак, тука има нијанси во размислувањето за дополнително зголемување на оние 12%, меѓутоа, кога и за колку, тоа се детали што сѐ уште ги утврдуваме. За жал, министерот не може да излезе официјално со став бидејќи сѐ уште ги нема точните информации од Министерството за финансии, изјави претседателот на СОНК.

Во врска со исплатата на платата на вработените во градинките за време на штрајкот, Неделков вели:

  • Доставивме барање до МОН за исплата на дневници врз основа на Колективен договор, имаме основа за таа работа и речиси сме сигурни дека ќе бидат исплатени во дејноста образование. За жал, имаме проблем во труд и социјална политика. Може да биде сериозен проблем за нарушување на процесот на преговори.

Дека има простор за договор се огласија и од Владата. Министерката за труд и социјала Јованка Тренчевкса рече дека имало придвижување и позитивни сигнали, и дека наскоро било можно да се дојде решение, за штрајкот да биде прекинат, а платите во образованието да се зголемат.

  • Министерството  за труд и социјална политика не е дел од страните кои имаат спор. Тоа се МОН од една и СОНК од друга страна. Информирана сум од министерот за образование дека денеска од 10 часот требало да има состанок и тој сигурно се одржал. Преговорите продолжуваат, има придвижување и позитивни сигнали дека е возможно за многу скоро да се дојде до заедничко решение кое ќе значи прекин на штрајкот и покачување на платите во образованието, рече Тренчевска.

Но, додаде таа, да му оставиме време на помирувачот и на двете страни во спорот да ги водат преговорите и да не известат за она што ќе биде одлучено на седниците на одборите што се формирани согласно законот за мирно решавање на спорови.

Рокот за медијација е десет дена за усогласување на ставовите. Рокот истекува в недела, и ако не се падне договор, односно една од страните не е задоволна, преговорите ќе продолжат за уште 10 дена.

Нова рунда на преговори е закжана за в недела. Ако не се склучи спогодба и по дополнителниот законски рок, Синдикатот најави реактивирање на штрајкот.

За тоа дали учебната година ќе заврши на време, или сепак ќе биде продолжена, на последната средба не станало збор. За тоа, велат од Синдикатот, задолжени биле од бирото за развој на образованието од каде нема конкретен одговор.

Инаку, штрајкот во образованието почна на 11 април, а во мирување е ставен на 28 април.

Борис Грујоски

Advertisements

Поврзани вести