Совет за безбедност: Државниот врв најави нов план за справување со енергетската криза

Зголемување на домашното производство на струја за 25%, обезбедување доволни количини на јаглен, мазут, гас за производство на електрична и топлинска енергија, набавка на дополнителна електрична енергија – владата го презентираше планот за соочување со енергетската криза на Советот за безбедност, тежок 300 милиони евра. Мерките кои ги најави власта се за услови во кои нема да има рестрикции на струјата но не дава гаранции дека тоа нема да се случи.

Сметав дека е важно да ги слушнеме сите надлежни на тема која не засега сите. Не е тајна дека не очекува тешка зима. Нарушената безбедност на Европа предизвика голема енергетска и економска криза. На денешната седница премиерот ме информираше за проекциите на Владата за претстојниот период и мерките кои ќе се превземаат – изјави претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.

Состојбата со енергетската криза премиерот Димитар Ковачевски ја оцени како ужасно тешка и алармантна. Ја уверува јавноста дека нема да има рестрикции на електрична енергија но сепак постојат ризици.   

Планот за производство на ЕСМ, државната компанија за производство на електрична енергија оваа година ќе го зголемиме за 25 %. И реализацијата на планот ќе ја следиме секојдневно. Ќе го следиме спроведувањето на задачите кои се дадени на ЕСМ компанијата и тоа почнувањето со третиот блок во РЕК Битола, почетокот на работа на вториот котел на резервната ТЕЦ Неготино, работата на хидроцентралите и многу важно користењето на целиот потенцијал и ставање во функција на когенеративната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје и пред се и за време и по грејната сезона како и користење на сите обновливи извори на енергија на сонце, ветер и вода – изјави премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски.

Бидејќи домашното производство на струја е слабо, Македонија очекува помош од соседите. Скопје и Софија вчера договорија Бугарија од октомври да ѝ испорачува на земјава околу пет гигавати струја дневно за потребите на индустријата по цена која дополнително ќе се утврдува. Премиерот Ковачевски информираше дека заедничката група со Бугарија веќе работела на реализирање на идејата.

Адријана Алексиеска