Советник од Охрид, сопственик на дивоградба, нападнал две инспекторки

Инвеститорот на дивата тераса во близина на Чинарот, советникот на ДУИ Нефи Усеини, вербално нападнал две инспекторки од Управата за заштита на културно наследство кои се обиделе да извршат вонреден надзор над бесправно изградениот објект. Oд охридската полиција велат дека советникот им се заканувал на инспекторките додека седеле во локал во центарот на градот.

„Според пријавеното, Н.У. вербално реагирал за вонредниот инспекциски надзор во објектот кој што е во градба непосредно до стариот чинар, што е негова сопственост. Н.У. е повикан на разговор во СВР Охрид и по целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираат од СВР Охрид.

На почетокот од минатиот месец, жители на Охрид алармираа дека бесправно се гради платформа кај објектот чиј сопственик е советникот на ДУИ. Локалната власт за случајот се огласи десетина дена откако тој беше обелоденет во медиумите. Одлука за уривање на дивоградбата Општината донесе на 25 март, а на сопственикот му даде 10 дена сам да ги урне металната конструкција и платформата. До денес, ниту општината, ниту сопственикот не ја отстранија дивоградбата. В.Д. градоначалникот Константин Георгиевски се правдаше дека тендерот за избор на фирма која би го спровела уривањето пропаднал, а градските власти нов ќе распишеле дури по изборите.

Б.Б.