Собраниската комисија го прифати барањето на судот за притвор на Љупчо Димовски

Со 5 гласа „ЗА“ и четири „ПРОТИВ“ собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го прифати барањето за одземање на имунитетот на пратеникот и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Димовски.

Комисиската расправа во која збор земаа само пратеници од опозицијата помина со обвинувања за одмазда на политички неистомисленици. Пратеникот Владимир Ѓорчев од говорницата кажа дека власта се одмаздува на оние кои ја почитуваа волјата на граѓаните изразена на референдум и не гласаа за уставните измени.

-Сакате да пратите порака кон цела Македонија, ако некој се замерил со оваа власт ќе оди во затвор. Вие пративте порака на 19-ти октомври, една страшна порака, кога беа уставните измени, дека ако има потреба во 5 попладне или во 7 навечер, ќе извадиме некого од затвор, истовремено праќајќи порака дека кого сакате за два саати ставате во затвор, изјави Ѓорчев.

Пратеничката Жаклина Пешевска вели дека ова што денеска се случи во Собранието е многу ниско и нечовечно, потсетувајќи на миговите кога нејзе и беше одземен имунитетот.

-Дали знаете што значи во пет часот наутро да ве разбудат и да ве приведуваат пред своите деца. Одземањето на имунитетот, минорна работа тогаш. Знаете што, еве во очи ве гледам и најискрено од душата ви кажувам, најколегијално, не ви посакувам да го живеете тоа, најискрено, изјави Пешевска.

Пратеникот Павле Богоевски, кој претседава со Комисијата гласаше за одземање на имунитетот на Димовски, иако и самиот ја поздрави дисциплинираноста која тој ја покажал во судскиот процес за настаните од 27 април.

-И јас го следев судењето за предметот кој што зборите и еве од говорница ќе ја поздравам дисциплинираноста за колегата што го посочувате во таа постапка. Но, повторувам ни е не сме тие што ги ценат индициите за одредување на мерка притвор, тоа е работа на судот, изјави Богоевски.

Со реакција за одлуката да се побара притвор за Димовски излезе и Социјалистичката партија на Македонија, од каде доаѓа пратеникот.

-Овие спектакуларни апсења на поранешни министри се со цел да актуелната власт ја дефокусира јавноста од сите скандали кои секојдневно ја потресуваат Македонија. Ова е уште еден нарачан, политички мотивиран процес без никакви докази со омиленото кривично дело на власта, Злоупотреба на службената положба, велат од СПМ.

Дали ќе биде одземен имунитетот на Љупчо Димовски сега ќе одлучува Собранието на пленарна седница, за прифаќање на барањето потребни е просто мнозинство од 61 пратеник.

Покрај пратеникот, во овој случај обвинети се уште двајца поранешни министри за земјоделство, Михаил Цветков и Ацо Спасеновски, како и поранешниот заменик министер за Христијан Делев, за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште, со што предизвикале штета на буџетот од над 1,4 милиони евра.

Матеја Петровски