Собранието утре ќе расправа за францускиот предлог

Без утврдена агенда како ќе се одвива расправата, колку време е предвидено за одлучување, но и без клучниот билатерален протокол меѓу Македонија и Бугарија, Францускиот предлог утре ќе се најде пред пратениците. Од кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери не откриваат каква е процедурата во вакви случаи, само се повикуваат на чл.185 од Деловникот на Собранието според  кој нема определено време колку би траела расправата по материјалите. Нејасно е и дали откако ќе бидат донесени заклучоци на пленарна седница, тоа ќе ги помине и собраниските комисии. Собраниски извори веќе брифираа дека седница ќе биде само проформа, бидејќи мнозинството веќе ги спремило заклучоците, а обезбедени се и 70 гласа „за“.

Ст.1 Собранието може да претресува анализи, извештаи, информации и други материјали што  се доставени од Владата и други овластени предлагачи.

Ст.2 Собранието може да претресува и информации доставени од Владата до пратеникот по негово барање, доколку пратеникот тоа го предложи.

Претресот по материјалите од ставовите 1 и 2 на овој член, по правило, завршува со донесување на заклучок, стои во Член 185 од Деловник на Собрание.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека нема да дадат поддршка на францускиот предлог. Бараат владата да го објави протоколот кој е како што велат, контраверзен и кој го крие од македонската јавност. Протоколот кој според информациите на бугарските медиуми ја крие суштината на бугаризација на Македонија, промена на историјата, промена на учебниците, прифаќање дека јазикот е бугарски и другите бугарски максималистички барања, велат од партијата.

-Ако не е спорен протоколот тогаш зошто МНР го крие од јавноста и не го објави? Ако протоколот кој излезе во медиумите во Македонија е погрешен според брифингот од МНР, тогаш кој е вистинскиот? Дали Владата свесно прави измама на целиот народ и крие документ за поништување на Македонија затоа што тој во целост е антидржавен. Воедно сакаме да се знае дека информацијата и фарсата во Собрание може да им помине, но промена на Уставот НЕ, велат од партијата.

Неизвесно е како ќе гласаат пратениците на ЛДП, ДОМ и Демократски Сојуз, кои иако се дел од владината коалиција, категорично не го одбиваат францускиот предлог, ама бараат нивните забелешки да бидат вметнати во предлогот.Од СДСМ потврдија дека мнозинството веќе ги спремило заклучоците и очекуваат тие да биле единствени на седницата.

-Она за што СДСМ го има поднесено, тоа се заклучоци за кои СДСМ гарантира безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, за кои со ЕУ во ниту еден момент не се преговара. Затоа ние како политичка партија бараме овие заклучоци да бидат единствени заклучоци за сите политички субјекти -чинители во Собранието на Македонија, велат од СДСМ.

Дипломатската офанзива на Македонија ја заокружува шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која пред расправата за францускиот предлог ќе се обрати пред македонските пратеници, во последен обид да ги убедува дека ова е компромисно решение, ама и историска шанса за Македонија, ори друг предлог може и да нема.

Ивана Соколовиќ Најдова