Собранието расправа за реформите во пезнискиот систем

Законските решенија што предвидуваат реформи во пензискиот систем денеска се на дневен ред на 71. собраниска седница.

Пратениците во рамки на 71. собраниска седница почнаа со расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување во прво читање.

Предложеното законско решение го образложи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска која рече дека ова ќе значи унапредување на пензискиот систем, а конкретно промената е измена на критериумот за првото вработување.

Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Благоја Деспотоски, реформа се прави со пари и затоа најважно е да има повеќе пари за економски раст.

– Основната работа е зголемување на економскиот раст, на вработувањето, а не реформа заради реформа, рече Деспотоски.

Претходно поддршка добија дополнетите предлози на закони за изменување и дополнување на Законот за нотаријат и Законот за извршувње во второ читање, како и Дополнет предлог на закон за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во РМ во второ читање.

Во рамки на оваа седница Собранието ќе го разгледа и дополнетиот Предлог на буџет за 2019 година.

Поради протоколарни средби на претседателот на Собранието Талат Џафери, пратениците се на едночасовна пауза.