Собранието расправа за продолжување на кризните состојби

Јавноста не знае колку пари и каде се потрошени за време на кризната состојба, власта ќе прави злоупотреба ако енергетската кризна состојба биде продолжена до април 2023 година, Владата да одговори што правеше летниот период кога сите се подготвуваа за тешката есен и уште потешка зима – дебатата на собраниската Комисија за одбрана се одвива во знакот на меѓусебни обвинувања а опозицијата бара одговор зошто Македонија нема план Б за соочување со енергетската криза  за која е извесно дека ќе се продлабочува.  

Кризната состојба ќе овозможи креирање механизми за намалување на последиците – вака вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи го одбрани предлогот на владејачкото мнозинство за кризните состојби со струјата и греењето во Скопје. Битиќи изјави дека Македонија се справувала многу подобро отколку земјите во регионот, а стопанствениците до сега немале ниту минута недостаток на електрична енергија, освен во регионите каде може да има одредена хаварија. За намалените капацитети за производство на електрична енергија, прстот го впери во опозицијата.

ВМРО-ДПМНЕ најави поддршка само доколку добијат одговори,

колку ќе `не чини производството на струја во споредба со лани, кој краде струја, колкави се залихите на јаглен и мазут.  За овие прашања деновиве тие ќе поднесат и барање за формирање Анкетна комисија.

Спикерот Џафери пак им посочи на пратениците дека за предлогот мора да се гласа најдоцна до 28 септември, а секоја дебата или гласање потоа би биле бесмислени.

Продолжувањето на кризната состојба во енергетиката треба да помине на Комисијата за одбрана и Законодавно-правната комисија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста