Собранието и денеска нема кворум за работа

Владината коалиција на стаклени нозе. По кој знае кој пат не може да обезбеди кворум за Парламентот непречено да функционира и да се изгласаат голем број важни закони. Денеска истата слика во Законодавниот дом како и петокот, кога владејачкото мнозинство немаше кворум за продолжување на седницата и истата беше прекината. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта има обврска пред граѓаните да седнат во собраниските клупи , да обезбедат кворум, а опозицијата да ги поддржи или не во гласање на законите.

Дел од пратениците се потпишуваат дека дошле на работа, но не присуствуваат на седниците. Претседателот на Собранието Џафери ги обвини народните избраници дека на државен товар си обезбедуваат патни трошоци а не ја завршуваат работата за која се платени.

Власта не може да обезбеди просто мнозинство, за да се изгласаат предлог законските измени, а се надева дека ќе обедбеди двотретинско мнозинство веднаш по одморите, кога и официјално ќе започне и иницијативата за уставни измени. Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми, верува дека поголем дел од пратениците кои не гласале за францускиот предлог, ќе поддржат уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот, што е главен услов за вистинското отпочнување на преговорите со ЕУ.

71 та седница денеска го имаше шестото продолжение, а дневниот ред е усвоен уште пред повеќе од пет месеци. Меѓу законите кои требаше да се гласаат беа Законот за трговија, за пензиско осигурување, испраќање на припадници на Армијата во меѓународни мисии, а требаше да се расправа и за Извештајот на Народниот правобранител и интерпелацијата за работата на пратеничката Соња Мираковска од СДСМ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста